Слоновите важат за едни од најфасцинантните животни на планетата, а нивната сурла претставува вистинско ремек-дело на еволуцијата. На прв поглед изгледа како продолжен нос, но всушност е исклучително сложен орган без кој животот на овие џинови би бил речиси незамислив.
Сурлата им овозможува на слоновите да дишат, да јадат, да пијат, да комуницираат и да се штитат од жештините, а нејзината сила и прецизност немаат пандан во животинскиот свет. Научниците сметаат дека се развивала со милиони години за да им го олесни на слоновите прилагодувањето на промените во животната средина и на сопствената телесна градба.
Повеќе од обичен нос
Иако изгледа едноставно, сурлата настанала со спојување на горната усна и носот и претставува орган без коски и 'рскавица. Составена е од повеќе од 40.000 мускули, што ѝ овозможува истовремено да биде исклучително силна и неверојатно прецизна. Благодарение на тоа, слонот може да крене тежок товар, но и да подигне најситно семе од земјата.
Нејзината улога далеку ги надминува границите на дишењето. Слоновите имаат едно од најразвиените сетила за мирис меѓу сите животни и со помош на сурлата можат да пронајдат вода на големи оддалечености. Кога пијат, водата најпрво ја вшмукуваат во сурлата, која може да собере и до осум литри, а потоа ја истураат директно во устата.
Сурлата е неопходна и при хранењето, бидејќи краткиот врат и огромната телесна маса им го отежнуваат наведнувањето. Со неа лесно кубат трева, кршат гранки и земаат плодови од високите дрвја. Истовремено, служи за разладување со прскање вода, за посипување на телото со кал и прашина како заштита на кожата, но и за допирање, поздравување и комуникација со другите членови на стадото.
Еволутивно решение за опстанок
Предците на денешните слонови живееле пред повеќе од 50 милиони години и имале само благо издолжена горна усна и нос. Како што со текот на времето станувале сѐ покрупни, главата и коските им станувале потешки, па вратот се скратувал за да обезбеди подобра стабилност на телото. Таквата градба го отежнувала пристапот до храната, па природната селекција го фаворизирала развојот на сѐ подолга и поподвижна сурла.
Научниците сметаат дека овој орган постепено преземал сѐ повеќе функции. Како што се менувале климата и живеалиштата, а отворените тревни површини станувале доминантни, сурлата станала главна алатка за исхрана, додека некогашната долга долна вилица постепено го изгубила своето значење. Така настанал исклучително прилагодлив орган што им овозможил на слоновите да опстанат во различни услови.
Денес сурлата може да достигне должина поголема од два метра и тежина од околу 130 килограми, а сепак е доволно чувствителна за да подигне и најситни предмети. Младенчињата не ја користат вешто веднаш по раѓањето, туку со месеци учат да управуваат со неа. Токму затоа научниците ја сметаат сурлата за еден од најсовршените примери на еволутивно приспособување, бидејќи ги обединува функциите на рака, нос, средство за земање вода и важно средство за комуникација.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Magnific