X
 02.07.2025 Наука

Астрофизичар предупредува дека Земјината ротација се забрзува и дека наскоро ќе го доживееме најкраткиот ден во историјата

Нашата планета се забрзува, буквално, исто како Хамилтон во кривина. Астрономите го следат загрижувачкиот феномен од 2020 година. Земјата се врти околу својата оска побрзо од вообичаеното, а следниот рекорд за најкраток ден би можел да се случи веќе во наредните недели. Астрофизичарот Греам Џонс идентификуваше три можни датуми кога ова би можело да се случи: 9 јули, 22 јули или 5 август 2025 година.

Не, тоа не значи дека ќе излезете од работа порано, скратувањето ќе изнесува само 1,66 милисекунди. Помалку од трепкање со око!

Но, клучното прашање не е колку денот се скратува, туку зошто се случува тоа. Научниците сè уште немаат точен одговор. Интересно е што до неодамна се сметаше дека ротацијата на Земјата всушност се забавува, но сега се случува спротивното.

Зошто деновите се скратуваат?

Еден сончев ден треба да трае точно 86.400 секунди или 24 часа. Сепак, ротацијата на Земјата никогаш не била целосно константна. До неодамна планетата беше забавена од плимната сила предизвикана од гравитацијата на Месечината. Сепак, од 2020 година, се чини дека Земјата „вклучила брзина“, почнувајќи да се врти сè побрзо и побрзо.


Во 2021 година, евидентиран е ден пократок за 1,47 милисекунди. Една година подоцна, уште пократок за 1,59 милисекунди. Во 2023 година, денот се скратил за 1,31 милисекунди. А апсолутниот рекорд го држи 5 јули 2024 година, кога денот траел 1,66 милисекунди пократко од вообичаените 24 часа. Овие отстапувања се мерат со помош на исклучително прецизни атомски часовници. Без нив, ние дури и не би ги забележале промените.

Иако причината сè уште не е потврдена, можно е промената да има некаква врска со положбата на Месечината. Предвидените датуми во 2025 година се совпаѓаат со времето кога орбитата на Месечината е најоддалечена од Екваторот на Земјата, што може да влијае врз ротацијата на планетата. Месечината ја забавува ротацијата на Земјата милијарди години. Во раната историја на планетата, еден ден можел да трае само од три до шест часа.

На прв поглед, милисекундата изгледа неважна. Но, во светот на модерната технологија и телекомуникациите, каде што сè е синхронизирано во дел од секундата, дури и овие минимални отстапувања можат да имаат влијание. Глобалните прецизни системи бараат апсолутна точност, па дури и неколку милисекунди се доволни за да предизвикаат проблеми, иако се надеваме дека не се катастрофални.

Што нè чека во далечната иднина?


Ако трендот продолжи, научниците веруваат дека за околу 50 милијарди години, ротацијата на Земјата ќе биде целосно синхронизирана со Месечината. Ова значи дека повеќе нема да има плима и осека, а истата страна на Месечината засекогаш ќе биде свртена кон Земјата, но ќе биде видлива само од едната половина на планетата.

Секако, ова се проблемите на иднината. Кога Сонцето ќе умре и Земјата ќе стане ненаселена, човештвото се надеваме дека веќе ќе има решение…или нова планета.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука