X
 16.11.2025 Живот

Хиперсонични летови: пат преку Атлантикот за помалку од еден час

Марк Морковин бил американски научник и професор на „Стенфорд“, експерт во областа на физиката на флуиди, аеродинамиката и турбулентните текови, а добар дел од својата кариера го посветил на истражувања поврзани со хиперсонични летови и турбулентни процеси. Тој бил и творец на хипотезата дека турбуленцијата при екстремни брзини се однесува на сличен начин како онаа при помали брзини, што значи дека моделите и принципите што се однесуваат на турбуленцијата при побавни воздушни текови можат да се применат и во хиперсонични услови.

Успешен експеримент

Она што било познато повеќе од половина век како хипотеза на Морковин сега е потврдено со експеримент, опишан во списанието „Комуникации во природата“. Резултатите од експериментот отвораат врата за хиперсонични летови и ги доближуваат сценаријата од научната фантастика до реалноста.

Користејќи ласери и сложени мерења на преминот на гасови низ аеротунел, истражувачите од Технолошкиот институт „Стивенс“ покажале дека турбуленцијата во воздушните струи со брзина од околу 7.000 км/ч останува многу слична на однесувањето на турбуленцијата при многу помали брзини, исто како што е предвидено со хипотезата на Морковин од средината на 20 век. Ова значи дека воздухопловните инженери можат да применат познати модели и принципи на развој на авиони за „нормални“ брзини при дизајнирање хиперсонични авиони.

Глобални летови и вселенски патувања

За експериментот се користеле напредни методи, како што се прецизно ласерско мерење на брзината и турбулентни флуктуации во протокот на воздух околу моделот на вселенското летало, што барало софистицирана опрема за снимање и анализа на податоци во екстремни услови, на голема брзина и висока температура. Ова им овозможило на истражувачите директно да ја споредат структурата на турбуленцијата при хиперсонични брзини, со позната турбуленција при помали брзини.

 

Фактот дека тие се однесуваат на многу сличен начин значително ќе ја намали сложеноста на дизајнот на идните хиперсонични возила и ќе го забрза претворањето на теоретските модели во практични технологии, потребни за глобални хиперсонични летови, како и за вселенски патувања со хиперсонични брзини.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот