X
 03.03.2019 Живот

Мајкл Џексон каков што не сакаме да го знаеме

Првото телевизиско интервју на Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак, главните актери во контроверзниот документарец за Мајкл Џексон - „Напуштајќи ја Недојдија“, крена уште повеќе прашина за сексуалната злоупотреба на двете момчиња на имотот „Недојдија“.

Вејд (36) и Сејфчак (40) истакнаа дека кралот на поп-музиката направил да се чувствуваат посебно. Тие двајца тврдат дека Џексон ги силувал и сексуално ги вознемирувал, а за возврат им давал слатки. Во документарниот филм се споменува и дека пејачот одглумил венчавка со едниот од нив.

Вејд, кој го запознал Џексон на пет години, вели дека не го криел воодушевувањето кога првпат ја видел мегаѕвездата.

- Се сеќавам дека првин си помислив - од сите деца на светот, Мајкл Џексон ме избра баш мене. А потоа рече: „Никогаш порано не сум правел вакво нешто со некого“. И секако дека помислив дека ме избрал и дека ме сака - се присетува Вејд.

Сејфчак, од друга страна, го запознал славниот пејач на едно снимање на реклама кога имал само девет години. И тој бил третиран на ист начин од страна на Мајкл Џексон. Џејмс вели дека на почетокот не бил исплашен и дека сè било во контекст на љубов и грижа и дека никогаш не би помислил на злоупотреба. Но...



- Навистина, просто е, ја сакате таа личност и сакате да бидете среќни. Исто така, ми рече дека сум му прв. Но, кога сте дете, не знаете што значи тоа, ниту пак сакате да прашувате многу за тоа - раскажува Сејфчак.

На прашањето дали би го објавиле документарниот филм доколку Џексон беше жив, Робсон вели дека е тешко да се шпекулира на таа тема, додека Сејфчак е убеден дека оваа тајна не би ја однел со себе в гроб и дека секако планирал да направи нешто.

Во емисијата гостуваа и браќата на Мајкл Џексон, кои ги негираа сите обвиненија.

Иако фамилијата Џексон на почетокот не се огласуваше за вознемирувачкиот филм, по само еден месец од прикажувањето на филмот на фестивалот „Санденс“ реши да ја тужи Ејч-би-о. Овој канал ќе го емитува филмот на 3 и 4 март, со што ја крши ставката од договорот потпишан уште во 1992 година. Пред 27 години Ејч-би-о потпиша дека нема да емитува, ниту да продуцира ништо што би го прикажало Џексон во негативно светло, а целта била да добие права за прикажување на еден негов концерт.

- Прикажувањето на овој едностран, бесрамен маратон на лажна пропаганда е јасно кршење на тој договор - соопшти фамилијата, која бара отштета од 100 милиони долари.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот