Венеција, градот на вода што маѓепсува милиони туристи секоја година со своите магични канали, палати и мостови, носи новости за сите што планираат да го посетат неговиот историски центар. Доколку сте љубители на овој град, имајте на ум дека од 18 април 2025 година ќе треба да платите влез за да останете во срцето на градот. Годинава значително е зголемен бројот на денови кога ќе се наплаќаат билети - од 29 дури на 54 дена.
Билетите ќе бидат задолжителни секој ден од 18 април до 4 мај, а потоа секој петок, сабота и недела до крајот на јули. Пристапот се наплаќа од 8:30 до 16 часот. Цената на стандардниот билет ќе биде 10 евра, додека секој што ќе го резервира билетот најмалку четири дена однапред ќе го плати по намалена цена од 5 евра.
Билетот ќе може да се купи онлајн, а по купувањето се добива QR-код кој ќе служи како потврда. Контролите нема да бидат на влезовите во градот, туку проверките ќе се вршат по случаен избор на чести локации, како што е железничката станица.
Кој е ослободен од плаќање?
Децата под 14-годишна возраст, лицата со посебни потреби, жителите на Венеција и сопствениците на имот во областа, како и жителите на некои блиски острови, се ослободени од плаќање. Мерката била воведена со цел да се намали масовниот туризам и да се намали притисокот врз инфраструктурата на градот.
По успешен пилот-проект минатата година, овој потег е дел од пошироката стратегија со која Венеција се обидува да контролира прекумерни метежи, особено за време на шпицот на туристичката сезона. Целта е да се намали бројот на дневни посетители кои создаваат притисок врз градот, а кои заедно со големиот број бродови за крстосување предизвикале сериозни промени во градската средина и инфраструктура.
Венеција се надева дека со овој потег, заедно со намалувањето на бројот на дневни туристи, ќе насочи повеќе посетители на подолг престој, давајќи му на градот повеќе време да закрепне помеѓу посетите.
Венеција останува една од најатрактивните туристички дестинации во светот, но со оваа мерка настојува да го зачува својот уникатен шарм и да ги намали негативните влијанија од масовниот туризам.
Извор: journal.hr
Фото: Instagram