Европската компанија „Хелсинг“, позната по снабдувањето на Украина со борбени дронови и со операции во Германија, Велика Британија и Франција, ја претстави својата платформа за вештачка интелигенција „Лура“ и дронот за подводно набљудување „СГ-1 Фантом“.
„Лура“ е софтверска платформа и напреден систем за вештачка интелигенција за откривање закани во подводната средина.
Врз основа на голем акустичен модел, сличен на моделите на големи јазици, „Лура“ е во состојба да класифицира и локализира акустични потписи (звуци произведени од бродови и подморници) со наводно невидена чувствителност и точност. Употребата на големиот акустичен модел од страна на „Лура“ ѝ овозможува да детектира акустични потписи 10 пати потивки од другите модели на вештачка интелигенција, па дури и да прави разлика помеѓу специфични бродови во истата класа, со брзина 40 пати поголема од човечките оператори.
„Лура“ се распоредува на „СГ-1 Фантом“, нов автономен подводен дрон кој може да патролира до три месеци во потрага по подводни закани. Дроновите се дизајнирани за подводно набљудување.
Стотици „СГ-1 Фантом“ опремени со „Лура“ можат да бидат распоредени за секоја мисија за автономно откривање, класифицирање и известување за заканите во речиси реално време.
Од „Хелсинг“ велат дека еден оператор може да задава задачи и да следи стотици дронови од поморскиот штаб добивајќи точни разузнавачки информации за само 10 % од цената на патролите против подморници со екипаж.

„Лура“ и „СГ-1 Фантом“ можат брзо да бидат распоредени во која било област од стратешко значење, од Северното и Балтичкото Море до длабокиот Атлантски Океан и Пацификот.
- Мораме да ги искористиме новите технологии за да ги следиме заканите за нашата критична инфраструктура, националните води и начинот на живот - истакнал д-р Гундберт Шерф, директор на „Хелсинг“.
Извор: vidi.hr
Фото: Helsing screenshot