X
 12.05.2020 Технологија

Зошто дигиталните асистенти речиси секогаш имаат женски глас?

Со некои исклучоци, гласовите што се поврзуваат со вештачката интелигенција најчесто се женски. Производите како „Алекса“ на „Амазон“ и „Сири“ на „Епл“ имаат женски гласови. Зошто компаниите се одлучуваат да користат женски гласови за ваквите програми?

Во напис на „Пи-си-маг“, авторката Чандра Стил ја анализира оваа тема со фокус на улогата на родовите стереотипи. Претставник на „Амазон“ ѝ кажал на Стил дека корисниците што ја тестирале „Алекса“ подобро реагирале на женски глас.

За „Кортана“ на „Мајкрософт“, од компанијата велат дека откриле дека женскиот глас најдобро ги претставува квалитетите што се очекуваат од еден дигитален асистент, односно да биде корисен и доверлив и да нуди поддршка. Според една теорија, на мажите и на жените генерално повеќе им се допаѓаат женските гласови, додека има поголема поделеност кога гласот е машки.


Фото: Pixabay

Сепак, вистинската причина можеби не е резултат на современите предрасуди и перцепции за жените и нивната улога во општеството. Можеби станува збор за застарени сфаќања. Кога го дизајнирале „Гугл асистент“, од „Гугл“ изјавиле дека сакале да нудат и машка и женска опција, но потоа сфатиле дека тоа е тешко да се изведе бидејќи повеќето системи за вештачка интелигенција најчесто биле тренирани на женски гласови.


Фото: Pixabay

Има и други можни објаснувања. Некои истражувања сметаат дека жените подобро ги изговараат зборовите или дека полесно се слуша женскиот глас. Ова не се силни аргументи, но можеби стојат зад одлуката на компаниите да се користат женски гласови за ваквите програми.

Автор: Џејк Росен
Извор: mentalfloss.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија