Повеќе од една третина од Американците користат некаков уред за следење на спиењето. Иако ваквите уреди им помогнале на многумина да имаат некаков увид во своето здравје, опседнатоста со бројките може да доведе до спротивен ефект, односно нарушување на сонот.
Што е ортоcомнија?
Откако првиот „Фитбит“ се појави на пазарот во 2009 година, потрошувачката технологија доживеа бум со уреди што овозможуваат домашно следење на сонот. Белегзии, прстени, сензорски душеци и паметни уреди повеќе не се ограничени само за лабораториите. Но, сета таа достапност донесе нов проблем: опседнатоста со идејата за совршен сон, состојба што експертите ја нарекуваат ортосомнија.
Овој современ феномен е парадоксален, па колку повеќе се трудите да го постигнете идеалниот сон, толку потешко ви е навистина да заспиете.
- Штом почнете активно да го „бркате“ совршениот сон, тоа негативно влијае врз неговиот квалитет - вели истражувачот на спиење и поранешен тренер Дру Коупленд.
Терминот ортосомнија првпат бил дефиниран во 2017 година, кога истражувачи забележале дека многу пациенти доаѓаат вознемирени поради податоците од нивните уреди.
- Луѓето стануваат анксиозни поради бројките и тогаш прават работи што уште повеќе го влошуваат сонот, на пример, остануваат в кревет подолго од потребното - објаснува д-р Кели Глејзер Барон, психолог и раководителка на лабораторија за бихевиорална медицина на спиење при Универзитетот во Јута.
Опседнатоста со добриот сон често води кон маѓепсан круг. Грижата за спиењето го активира телото, што пак го отежнува заспивањето. Последнава деценија популарноста на уредите за следење донесе и наплив на пациенти кои страдаат токму од таков вид анксиозност.
- Секоја недела имам некој што ми вели: „Немам доволно РЕМ-сон“ - вели Барон.
Мерење на очекувањата и на „фазите на спиење“
Поголемиот дел од корисниците не ги разбираат правилно резултатите што ги гледаат.
- Половина од ноќниот сон нормално треба да биде лесен сон. Исто така, сосема нормално е повремено будење. Спиењето не е кома, не треба да биде континуирана несвест - објаснува Барон.
Иако технологијата напредува, уредите и понатаму не се прецизни во сè што мерат. Тие можат релативно точно да одредат кога сте будни, кога спиете и каква ви е срцевата фреквенција. Но, не се баш најдобри со анализите.
- Оцените и анализите се главно бесмислици. Тоа е како да читате хороскоп - вели д-р Мајкл Гренднер, психолог и директор на Програмата за истражување на спиење и здравје при Универзитетот во Аризона. Според него, метриките за фази на спиење не се веродостојни.
Концептот на фази на спиење потекнува од 30-тите години и е заснован врз мерење на мозочните бранови, а не на директно набљудување на невронска активност. Дури и денес, двајца техничари можат различно да ја проценат истата снимка.
Според Гренднер, уредите се уште понејасни. И во секој случај, фазите на спиење не се толку важни. Следењето на сонот треба да служи како алатка за општ увид, а не како медицинска дијагноза.
- Никогаш не би започнала терапија базирана на податоци од уред. Третманот за несоница се темели на субјективното искуство на човекот - вели Барон.
Што да направите ако имате проблеми со спиењето?
Коупленд вели дека ако мислите дека имате нарушен сон, најдобро е да се консултирате со специјалист. Постојат терапии, како когнитивно-бихевиоралната терапија за несоница. Ако чувствувате дека сте премногу опседнати со податоците, направете пауза од следењето.
- Спиењето, по својата природа, е нешто во што треба да се опуштите. Ако лежите и мислите „морам да го зголемам резултатот“, само си правите притисок. А сонот треба да биде одмор, не натпревар - вели Коупленд.
Барон додава дека и самата користи уред за следење, но не го менува своето однесување според податоците.
Не контролирајте го спиењето, оставете едноставно да се случи
Иако спиењето е клучно, не е потребен микроменаџмент за него. Како и дишењето, тоа е пасивен биолошки процес.
- Секој што има милениче знае: цицачите не се грижат за спиењето - вели Гренднер.
Важно е да запомните дека телото веќе знае што да прави.
- Тоа е веќе решен проблем. Ние се обидуваме да најдеме решение за нешто што веќе функционира - заклучува Грендер.
Извор:
Popsci.com
Фото: Freepik