X
 03.08.2017 Здравје

Како се одредуваат крвните групи?

Крвната група е класификација на крвта базирана на присутност или недостиг на наследени антигенски супстанции на површината на еритроцитите. Немаат сите луѓе еднаква крв и не им одговара на сите иста крвна група.

Тоа е неодамна откриено, а порано крвта во итни случаи се давала со непосредна трансфузија, без оглед на крвната група. Поради тоа, на голем број болни луѓе им било уште полошо, а многумина умирале. Најновите истражувања покажале дека постојат различни крвни групи. За нивно одредување, потребни се црвени крвни зрнца на давателот и серум од примателот на крвта. Серумот е еден дел од крвната плазма.

Ако една капка крв што ѝ припаѓа на една група се додаде на крв или серум од друга крвна група, црвените крвни зрнца се залепуваат и тоа се нарекува аглутинација. Во таков случај, црвените крвни зрнца обично се распаѓаат и доаѓа до хемолиза на крвта. Со помош на аглутинацијата е утврдено дека кај луѓето постојат 4 крвни групи: О, А, Б и АБ.

Црвените крвни зрнца на групата О не аглутинираат со серум од ниедна група. Односно, крвта од оваа група може да се дава на секого преку трансфузија, без разлика на неговата крвна група. Затоа луѓето со крвна група О се познати како општи даватели на крв. Во крвната група АБ серумот не аглутинира со црвените крвни зрнца од ниедна група, па лицата со таа крвна група можат да примат крв од  која било група. Тоа се општи приматели на крв.

Сите ние ја наследуваме крвната група и не можеме да ја промениме. Интересно е што на нашата планета постои одреден распоред на крвните групи. Од западот на Европа кон истокот се намалува бројот на лица со крвна група А, а расте бројот на луѓе што имаат крвна група Б. Во Англија 43% од луѓето имаат крвна група А, додека во Русија 30 %, а во Иран само 15 %.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје