X
 03.09.2022 Економија

Се градат 59 нови нуклеарни реактори во светот

Нуклеарната енергија повторно е во центарот на вниманието бидејќи државите низ светот забрзано сакаат да ги дополнат своите „енергетски миксови“ со обновливи извори на енергија во моменти на неизвесност во снабдувањето со енергија поради војната во Украина.

По катастрофата во нуклеарната централа во Фукушима, Јапонија, во 2011 година, следуваше намалување или стопирање на работата на нуклеарните централи низ светот. Но, неодамнешниот притисок да се премине на чисти извори на енергија во време на криза повторно ја оживува индустријата.

Неколку големи земји градат нови нуклеарни реактори, а други повторно ги користат или ги прошируваат старите нуклеарни централи. Според податоци од Светската нуклеарна асоцијација, заклучно со јули годинава, водечка земја по нуклеарен капацитет во изградба е Кина.


Фото: Pixabay

Истовремено, на целата планета во моментот се градат 59 нови нуклеарни реактори. Кина гради дури 21 нов нуклеарен реактор, меѓу кои и првиот модуларен реактор за комерцијална употреба. Вкупниот капацитет на новите реактори на Кина ќе биде 53.511 мегавати.

Индија е на второ место со осум нови реактори, а Турција на трето со четири нови реактори. Следуваат Јужна Кореја и Русија со по три нови нуклеарни реактори. Меѓутоа, два нови британски реактори ќе имаат поголема инсталирана сила од трите руски централи. САД, Саудиска Арабија и Јапонија, исто така, градат по два нови нуклеарни реактори.

Колку нуклеарни реактори во моментов се во функција?

Во светот работат околу 440 нуклеарни реактори кои произведуваат приближно 10 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во светот годишно. Нивниот капацитет е околу 390 гигавати и тие се наоѓаат во 32 земји. Најмногу има во САД, дури 93, а на второ место е Франција со 56 реактори.

Следува Кина со 53 реактори, а по неа се Русија со 37 и Јапонија со 33 нуклеарни реактори. Меѓутоа, во Јапонија функционираат само три реактори по инцидентот во Фукушима.

Оние 93 реактори во САД произведуваат над 30 отсто од светската нуклеарна енергија, најмногу од сите држави. Во Франција, нуклеарните централи се главен извор на енергија, сочинувајќи 70 отсто од националното годишно производство на електрична енергија.

Истовремено, кинеската нуклеарна индустрија брзо се шири. Бројот на реактори во Кина пораснал од 13 во 2010 година на 53 во 2021 година. Со дополнителни 21 реактор во изградба, Кина треба да го зголеми нуклеарниот капацитет за над 40 отсто пред 2030 година.

Извор: Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија