X
 03.09.2023 Живот

Му рекле дека има уште 6 месеци живот, се вратил на родниот остров и живеел уште 30 години

Американецот со грчко потекло Стаматис Мораитис доживеал неверојатна судбина кога лекарите на 66-годишна возраст му дијагностицирале рак на белите дробови и му рекле дека има само 6 до 9 месеци живот.

Поголемиот дел од својот живот го поминал во предградијата на Њујорк и Флорида, а сфатил дека има сериозни здравствени проблеми кога почнал брзо да се заморува и да останува без здив.

- Имаш терминален рак на белите дробови - му рекле лекарите во САД.

Така, 66-годишниот Стаматис, татко на три деца, одлучил да се врати во својата татковина, на прекрасниот медитерански остров Икарија, со неговата сопруга Елпиники. Тој не сакал да го оптоварува семејството со скапи трошоци за погреб.

- Нека ме закопаат покрај моето семејство, покрај море, каде што ќе платам помалку за погребот - си мислел тој.

Икарија се наоѓа на половина пат меѓу Атина и Турција и оваа одлука се покажала како најдоброто нешто во животот на овој Грк. Тогаш тој не знаел дека се враќа на островот на вечната младост, чии жители живеат 10 години подолго од другите жители на Европа, а често ја доживуваат и нивната стота година.

Полека почнал да се движи. Уживал во свежиот морски воздух, се восхитувал на чистото сино море. Пиел вино и се дружел со старите пријатели. Одлучил да се занимава со градинарство.

Со текот на времето почнал да одгледува лозје. Мислел дека нема да стигне да ужива во виното, но сето тоа го правел за неговата сопруга да се сеќава на него.

Три децении подоцна, тој сè уште шетал низ островот Икарија и одгледувал секакви видови овошје и зеленчук, вклучувајќи винско грозје и маслинки. Го посетил авторот и истражувач Ден Буетнер, кој сакал да дознае за тајните на долговечноста на жителите на грчкиот остров.

- „Го прашав која е неговата тајна. Тој само ги крена рамената и рече: „Не знам! Претпоставувам дека заборавив да умрам“ - раскажува Буетнер.

Не може со сигурност да се каже што точно се случило со Мораитис, односно како живеел уште 30 години по ужасната дијагноза. Можно е да имал единствена генетика, која му помогнала да се заштити од сериозни болести како што е ракот.

Но, Буетнер смета дека тајната на долговечноста лежи во работите со кои сме опкружени - луѓето, растенијата, воздухот, начинот на живот. Една често цитирана студија за данските близнаци посочува дека генетиката е одговорна за 20 до 25 отсто од нашата долговечност.

- Тој не направи ништо свесно за да биде поздрав, само ја промени средината. Сакам да верувам дека работите се можни, ако сте со прекумерна тежина и живеете нездраво во Америка, веројатно не е по ваша вина. Мислам дека најчесто сме жртви на средината во која живееме, вели Буетнер.

До крајот на животот, околината на Мораитис го принудувала да се качува по скали за да бере маслинки и грозје.

- Сè уште пијам вино и работам - изјави Мораитис за Би-би-си на почетокот на 2013 година, неколку недели пред неговата смрт, на 98-годишна возраст (или 102?). Мораитис не можел да се сети точно.

- Не сум доктор, но мислам дека виното помогна. Не правам ништо освен што јадам здрава храна, пијам здраво вино и користам здрави билки - рече тој.

Секојдневните задачи му даваа значење. Ако сакаше да готви со маслиново масло, требаше да ги собере маслинките и да ги притисне.

- Не е важно дали е лесно или тешко, мораше да се направи, изјави тогаш тој за Би-би-си.


Извор: Business Insider
Фото: Netflix
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот