X
 03.09.2025 Наука

Овој вид вежбање најмногу го подобрува сонот, велат научниците

Поставувањето на подлогата за јога и движењето во согласност со сопствениот здив може да биде една од најефективните вежби за долгорочно подобрување на сонот.

Метаанализа на 30 контролирани студии покажа дека редовната, високоинтензивна јога е посилно поврзана со подобар сон отколку пешачењето, вежбите со отпор, комбинираните тренинзи, аеробните вежби или традиционалните кинески практики како чи гонг и таи чи.

Истражувањата опфатени во оваа анализа биле спроведени во повеќе од десет земји и вклучиле над 2.500 учесници од различни возрасти кои се соочувале со нарушувања на сонот.

Научниците од Универзитетот за спорт во Харбин, Кина, утврдиле дека високоинтензивна јога во траење под 30 минути, практикувана двапати неделно, е најефикасниот начин за справување со слабиот квалитет на сон.

На второ место по ефективност се нашло пешачењето, а потоа следуваат вежбите со отпор. Видливи позитивни резултати биле забележани по 8 до 10 недели.

Овие наоди делумно се разликуваат од една метаанализа од 2023 година, според која аеробните или вежбите со средна интензивност, трипати неделно, се најдобар начин за подобрување на сонот.

Сепак, една од студиите вклучени во тој труд покажала дека јогата има посилно влијание врз квалитетот на сонот од другите видови физичка активност.

Јогата може да биде и аеробна и анаеробна, а нејзиниот интензитет се менува во зависност од техниката. Веројатно токму овие разлики во практиката ја објаснуваат разликата во резултатите од истражување до истражување.
Иако оваа најнова анализа не дава конечен одговор зошто јогата е толку корисна за сонот, постојат повеќе можни објаснувања.

Покрај тоа што го забрзува пулсот и ги ангажира мускулите, јогата ја регулира и работата на дишењето. Научните податоци покажуваат дека контролираното дишење може да го активира парасимпатичкиот нервен систем.

Некои истражувања укажуваат дека јогата може да влијае врз мозочните бранови и да поттикне подлабок сон.

Иако постои јасен доказ дека вежбањето генерално е корисно за сонот, сè уште недостигаат доволно истражувања што директно ги споредуваат поединечните типови физичка активност и нивните долгорочни ефекти.

- Треба да се внимава при толкувањето на овие резултати, со оглед на ограничениот број истражувања и специфичните карактеристики на лицата со нарушувања на сонот - предупредуваат научниците од Универзитетот во Харбин.

Секое тело и секој мозок се различни, па затоа не постои универзално решение за несоница или други нарушувања на сонот. Вежбањето јога е само една од многуте достапни опции.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука