X
 03.09.2026 Живот

На 91 година ја помина Апалачката патека долга 3.530 км и постави рекорд

Дејл Сендерс повторно влезе во историјата откако го постави рекордот за најстар планинар што ја завршил Апалачката патека. 91-годишниот Американец, познат по планинарскиот прекар Сива Брада, повторно ја освои титулата што првпат ја постави во 2017 година.

Според неговите пресметки, Сендерс паднал 71 пат додека се обидувал да го врати рекордот за најстар планинар што ја завршил Апалачката патека. Седум од падовите биле сериозни. Еден од нив завршил со кратка хоспитализација, а друг се случил на само 200 метри пред целта.

Но, ништо од тоа не го обесхрабрило да не ја изоди патеката долга 3.530 километри, која се протега од планината Спрингер во Џорџија до планината Катадин во Мејн.

Организацијата „Апалачијан трејл конзерванси“ го дефинира целосното поминување на патеката како совладување на сите нејзини делови, по кој било редослед, во период од една година, при што се дозволени паузи.

Сендерс почнал на 6 септември во Западна Вирџинија, комбинирајќи повеќе делници со кратки паузи, а подвигот го завршил во понеделникот на највисокиот врв во Мејн.

Сендерс првпат го поставил рекордот на Апалачката патека во 2017 година, кога имал 82 години. Четири години подоцна, неговиот 83-годишен пријател М. Џ. Еберхарт, познат како Нимблвил Номад, му го презел рекордот.

Но, само неколку месеци подоцна, Сендерс го најавил својот план повторно да ја освои титулата.

Иако неговото прво патување било полесно отколку што очекувал, последниот предизвик бил значително потежок. И покрај 6-месечните подготовки во близина на неговиот дом во околината на Мемфис, Тенеси, тој вели дека не бил во најдобра физичка форма кога повторно се вратил на патеката.

- Дури и денес чувствувам дека веројатно треба да бидам во подобра форма од оваа во која сум. Но, постојано морам да се потсетувам и да си велам дека имам 91 година, па со пешачењето на вакви долги релации отворам нови патишта - вели тој.

Според него, постои огромна разлика меѓу совладувањето на патеката на 82 и на 91 година.

Во јуни, додека се спуштал од планината Килингтон во централниот дел на Вермонт, Сендерс паднал при што ги повредил нозете, рацете и дланките.

- Му благодарам на Бога што ништо не беше скршено, но бев целиот со модринки. Не ја ни избришав крвта, туку едноставно продолжив да пешачам - раскажува тој.

Неколку недели подоцна, левата рака му се вкочанила и завршил во болница во Мејн. Лекарите првично се сомневале дека доживеал мозочен удар, но се покажало дека станува збор за приклештен нерв.

Иако брзо добил дозвола да продолжи со планинарењето, Сендерс размислувал да се откаже.

На почетокот од август се вратил дома за да биде со сопругата, чија мајка токму тогаш починала. Сепак, таа го убедила да продолжи со предизвикот.

Некои од неговите најубави денови биле во Пенсилванија, каде што уживал во добро одржуваните патеки и во изненадувањата што му ги приредувале таканаречените „ангели на патеката“ - луѓе кои доброволно им помагаат на планинарите.

Во меѓувреме Сендерс стана вистинска ѕвезда меѓу планинарите. Илјадници луѓе го следат на социјалните мрежи, што го изненадило и го навело да ја прошири својата мисија.

- Сакам да си го вратам рекордот, но во моментов тоа ми е секундарно. Сега најважно ми е нешто друго, а тоа е една од работите што најмногу ме изненади: луѓето црпат мотивација и охрабрување од моите напори - вели тој.

Мередит Ивенсон, која го запознала Сендерс во јуни додека водела група од 10 жени на планинарење во Њу Хемпшир, вели дека тој не е само олицетворение на идејата дека сè е возможно, туку и потсетник дека самото патување е најважно.

Сендерс е роден во Кентаки во 1935 година, 2 години пред целосно да биде завршена Апалачката патека.

Како дете бил малтретиран поради својот низок раст, но самодовербата ја стекнал преку индивидуални спортови, како акробатика и пливање.

Подоцна служел во морнарицата, а во 2002 година се пензионирал. Сендерс е носител и на многу други рекорди, меѓу кои и рекордот за најстар човек што го извеслал целиот тек на реката Мисисипи. Тоа патување траело 87 дена, а го започнал на својот 87. роденден.

Извор: Abcnews.com
Фото: Facebook

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот