X
 03.10.2023 Живот

90-годишна вработена во „Мекдоналдс“ во Јапонија вели дека работата е клучот за нејзиниот долг живот

На 90 години Тамико Хонда е најстарата вработена во „Мекдоналдс“ во Јапонија. Но, таа сè уште не е подготвена да се пензионира.

Хонда вели дека работата е клуч за нејзиното здравје и планира да продолжи да работи до нејзината 100-та година.

- Никогаш не сум пропуштила смена поради болест. Доаѓањето на работа и разговорот со младите ме одржуваат во живот. Дури и коронавирусот го поминав прилично лесно - изјави Хонда, која живее во јапонскиот град Кумамото.

Еден нејзин работен ден започнува со 20-минутно патување до „Мекдоналдс“ во Кумамото. Таа работи пет дена во неделата, а тричасовните смени ги започнува во 7:30 часот со метење на ресторанот.

Хонда морала да ги напушти претходните работни места како медицинска сестра и чистачка затоа што постоела задолжителна возраст за пензионирање која таа ја преминала на 61-годишна возраст како медицинска сестра и 67-годишна возраст како чистачка.

Во 2000 година аплицирала за работа во „Мекдоналдс“, кој нема политики за ограничување на возраста на вработените.

Јапонија има најстара популација во светот, со речиси една третина од нејзиното население на возраст од 65 и повеќе години. Тоа значи дека земјата има над 36 милиони постари граѓани, според извештајот на Светскиот економски форум во 2023 година, и над 9 милиони работници на возраст над 65 години кои опфаќаат над 10 отсто од националната работна сила, според владините податоци.



Извор: Business Insider
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот