Како една од најпосетуваните европски дестинации, градот Амстердам воведе многубројни мерки за справување со прекумерниот туризам.
Сепак, и покрај сите напори, минатата година бројот на туристи не се намалил, туку продолжил да расте. Тоа предизвикало огромно незадоволство кај локалното население, кое решило да преземе чекор што досега не е забележан во Европа.
Градските власти во Амстердам во изминатиот период активираа разни кампањи со цел да го пренасочат интересот на туристите. Наместо познатите забави и квартот со сексуални работнички, кои често се прва асоцијација за овој град, се настојуваше да се промовираат други активности и туристички содржини. Но, жителите велат дека тоа не дало никакви резултати.
Тужба против градските власти
Незадоволни од состојбата, жителите на Амстердам решија да ја тужат градската управа. За таа цел тие собраа 50 илјади евра донации за граѓанската иницијатива наречена „Амстердам има избор“.
Иако уште во 2021 година Градскиот совет усвои одлука за намалување на бројот на ноќевања, ефектите се незабележливи. Напротив, бројот на ноќевања оттогаш до минатата година пораснал за околу три милиони.
- Ноќевањата веќе три години ја надминуваат бројката од 20 милиони, колку што беше претходно договорено, а општината не презеде ефикасни мерки - вели Јаспер ван Дајк, кој учествува во поднесувањето на тужбата против властите.
Како одговор, властите воведоа дополнителни мерки. Воведена е забрана за изградба на нови хотели, а се разгледува и зголемување на туристичката такса за 12,5 отсто. Исто така, предложено е за половина да се намали бројот на туристички бродови за крстосување.
- Амстердам би можел да ги искористи приходите од зголемената туристичка такса за купување недвижности и решавање на проблемот со недостиг на станови или за чистење на градот од ѓубре, кое е делумно резултат на масовниот туризам - додава Ван Дајк.
Дали тужбата на жителите на Амстердам ќе успее и дали навистина ќе ја смени ситуацијата со прекумерниот туризам, останува да видиме.
Извор:
Euronews.com
Фото: Pixabay