X
 03.11.2025 Живот

Дали знаете дека во нордиските земји не постои еквивалент на „ве молам“

Кога патниците се подготвуваат да отпатуваат во друга земја, најчесто сакаат да научат неколку збора што ќе им помогнат да избегнат непријатности. „Ве молам“ речиси секогаш е меѓу првите. На шпански тоа е „пор фавор“, на германски „бите“, а на француски „си ву пле“. Но, работите се посложени за оние што патуваат кон Скандинавија, или пошироко, кон нордиските земји: во Норвешка, Шведска, Данска, Исланд и Финска, „ве молам“ не е дел од секојдневниот јазик. Па, како тие изразуваат благодарност?

Искреноста како доблест


Скандинавците ја ценат директната и фактичка комуникација и често ја избегнуваат излишната учтивост особено кога зборуваат со луѓе што веќе ги познаваат. Овие општества се генерално рамноправни, па ретко се очекува покажување почит на начин како во други култури. Иако немаат збор за „ве молам“, тоа не значи дека не се љубезни, туку љубезноста ја изразуваат на поинаков, понепосреден начин.

Бидејќи неформалноста често се смета за знак на блискост, ќе биде посоодветно да се каже „Ќе ми купиш кафе?“ со насмевка наместо „Би бил љубезен да ми купиш кафе?“ Преголемата учтивост може дури да создаде впечаток на дистанца или дека барате голема услуга, наместо нешто едноставно како „Подај ми ја солта“, каде што љубезноста се подразбира преку тонот и односот.

Сепак, постојат моменти кога Скандинавците сакаат да изразат благодарност или да покажат учтивост при барање нешто. Еве неколку примери како тие го прават тоа без вистински еквивалент на „ве/те молам“:

Норвешки - Vennligst
Значење: „најљубезно“

„Kan jeg vennligst be deg senke stemmen?“
(„Може ли љубезно да те замолам да го намалиш гласот?“)

Норвешки // Gjerne
Значење: „Со задоволство“, „Ако сакаш“

Vil du ha vafler? – „Да, gjerne.“ („Да, со задоволство.“)

Шведски // Snälla
Значење: „Љубезно“, често со нијанса на молба

Skulle du ge mig syltburken, snälla?
(„Дали би можел да ми ја подадеш теглата со мармалад, љубезно?“)

Исландски // Takk
Значење: „благодарам“

Já, takk! („Да, благодарам!“)

Дански // Værsgo
Значење: „Повели“

Værsgo at tage plads i venteværelset. („Повелете, седнете во чекалницата“.)
Tak! („Благодарам!“) - Værsgo! („Повели!“)

Фински // Kiitos
Значење: „Благодарам“

Haluaisitko lisää viiniä? - Ei kiitos. („Не, благодарам“.)
Kiitos. („Благодарам“.“) - Ole hyvä. („Повели“)

Кажете „благодарам“ или само насмевнете се

Најлесниот начин за туристите да звучат љубезно во Скандинавија е едноставно да кажат „благодарам“. На норвешки и исландски тоа е takk, на шведски tack, на дански tak, а на фински kiitos.

Сепак, внимателно со честата употреба. Премногу „тaк“ може да звучи пренагласено или неискрено. Обично е доволно едноставно ja takk („да, благодарам“) кога некој ќе ви понуди пијалак.

Бидејќи значењето на „ве/те молам“ често зависи од тонот и однесувањето, во Скандинавија учтивоста најчесто се пренесува преку насмевка, гест или пријателски израз на лицето. Ако го кажете тоа со топол, природен тон, нема потреба од дополнителен збор.

Кога учтивоста не е во зборовите


Во многу јазици „ве молам“ е магичниот збор. Но во Норвешка, Шведска, Данска, Исланд и Финска тој понекогаш е само непотребен вишок. Таму учтивоста се гледа во начинот на кој зборувате, во вашиот став и во насмевката.

А кога Скандинавците патуваат во земји каде што „ве молам“ е задолжителен дел од секој разговор, тие мораат да се приспособат бидејќи таму дури ни најтоплата насмевка нема да ја замени оваа мала, но магична реченица.

Извор: Mental Floss
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот