Победија на хакатонот NASA Space Apps Challenge во Струмица, па продолжуваат со натпревар на интернационално ниво за да влезат во 10. најдобри тимови од светот што ќе патуваат за НАСА.
Само еден ден им беше потребен на четворицата средношколци од Битола да ја изработат онлајн интерактивната апликација „Project Armageddon“, која симулира удари од астероиди врз Земјата со цел да се подигне свеста за планетарна одбрана.
Леонид Јаневски и Михаил Досевски од гимназијата „Јосип Броз Тито“, Владо Хаџиев од Техничкото училиште „Ѓорги Наумов“ и Марио Ѓуровски од Приватното средно училиште САБА од Битола, под менторство на професорката по програмски јазици и информатика Мирјана Соклевска, победија на натпреварот NASA Space Apps Challenge што се одржа на 4 и 5 октомври во Струмица. Едниот ден онлајн го направија проектот, а другиот го презентираа на англиски јазик во Струмица.
Победниците ќе бидат објавени во јануари 2026 година
Натпреварот беше дел од најголемиот интернационален хакатон кој се одржуваше во 180 земји низ целиот свет. Во Струмица се одржува по четврти пат во просториите на СОУУД „Димитар Влахов“, а во организацијата учествуваа локалниот лидер - наставничката по физика Зорица Масникоса -Поп Трајкова со директорката на училиштето Јасминка Цамбулева, Елена Депинова, наставник по стручни предмети и Љубица Гошева.
Победниците продолжуваат да се натпреваруваат на интернационално ниво, а 10 најдобри тимови од цел свет ќе патуваат за НАСА. Глобалните победници оценети од експерти од НАСА ќе бидат објавени во јануари 2026 година.
Предизвиците за натпреварувачите ги имаше доставено вселенската агенција НАСА и сите се однесуваа на заштита на Земјата и космосот.
Битолскиот тим работеше на темата Meteor Madness (метеорско лудило).
- Направивме 3Д-симулатор кој им овозможува на корисниците да ги изберат големината, брзината и траекторијата на замислен астероидот и да видат дали тој ќе согори во атмосферата, ќе ја промаши Земјата или ќе удри во неа. Интегриравме научни модели за да прикажеме ударни бранови, кратери и последици врз животната средина во реално време. Колку жртви би имало, земјотрес од колку степени, кратерот колкав ќе биде, експлозијата - вели Леонид Јаневски, тим-лидер, задолжен за формулите и пресметките.
Идејата за учество беше на самите ученици
Учениците сами се информираа за натпреварот и презедоа иницијатива да учествуваат. Сами го формираа тимот, врз основа на другарство од основно училиште во кое заедно учеле. Создадоа апликација користејќи компјутерски програми кои самите ги совладале надвор од наставата и училиштето.
- За 2Д-моделите (User Interface) користев Paint.net. Тој е како бесплатна алтернатива на „Фотошоп“ и го користам веќе неколку години. На него сум изработувал покани за јубилејот и патрониот празник на гимназијата. За 3Д-моделите на метеори и планети користев „Блендер“, која неодамна почнав да ја изучувам. Сето ова сам го имам совладано - рече Михаил Досевски, задолжен за графичкиот дел од играта.
Програмирањето беше задача на Владо Хаџиев.
- Симулацијата ја направив на програмата „Анријал енџин“ (Unreal Engine). Овие знаења се лично стекнати, јас веќе четири години работам со оваа програма, применувајќи го во различни проекти и преку вежбање - рече Хаџиев.
Музиката ја изработи Марио Ѓуровски, кој претходно завршил нижо музичко училиште каде што свирел на пијано.
- Ова ми беше прва можност да работам звук за проект. Требаше да најдам музика која ќе се вклопи со идејата на играта, да звучи како да е надвор од овој универзум, ја обработив користејќи ја програмата за музика и звучни ефекти Еф-ел студио (FL Studio) - вели Ѓуровски.
Менторката вели дека ѝ ја дале најубавата честитка за Денот на учителот
Менторката Мирјана Соклевска, професорка во гимназијата „Јосип Броз -Тито“, вели дека се работи за многу талентирани ученици и дека ваквите натпревари се вистинска можност да покажат што умеат и што научиле сами надвор од наставната програма.
- Освен што им дадов логистика контактирајќи со организаторите на натпреварот, сѐ друго беше нивна приказна и успех. За еден ден го сработија проектот од идеја до реализација, самостојно. Следниот ден отидоа во Струмица и го презентираа на англиски јазик во вистинска силна конкуренција, го освоија првото место и ќе ја претставуваат Македонија на интернационално ниво. Тие ми ја дадоа најубавата честитка за Денот на учителот. А ова е единствената сатисфакција за талентираните деца, на овој начин да го искажат својот талент. Наше е да ги поддржиме на тој пат - рече Соклевска.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.