X
 03.12.2019 Наука

Лошите соништа ни помагаат полесно да се соочиме со стравот во реалниот живот

Дури и кога соништата ни се застрашувачки, тие може терапевтски да влијаат така што наредниот ден подобро ќе се соочиме со стравовите, покажува ново истражување. Мапирањето на активностите на мозокот во текот на спиењето ја охрабри идејата дека нашите лоши соништа нè подготвуваат за реалноста, велат швајцарските и американските научници. Тие откриле дека луѓето кај кои забележале повеќе лоши соништа подобро го совладуваат стравот додека се будни.

- Првпат забележавме дека слични области се активираат кога доживуваме страв во состојба на спиење и во будна состојба - вели научникот Лампрос Перогамврос од Универзитетот во Женева.

Човечкиот сон и понатаму е голема мистерија, но секој што се разбудил на лева нога знае од лично искуство дека расположението и сонот се поврзани. На научниците им е тешко да кажат како се поврзани, иако идејата дека спиењето може да ги регулира нашите емоции и не е баш нова.

Слично како кога сме будни, ние луѓето доживуваме емоции во нашите соништа и тоа може да влијае врз тоа како се чувствуваме кога ќе се разбудиме. Се смета дека РЕМ-фазата некако ги стабилизира нашите негативни емоции и сеќавања. Но дали емоцијата може да навлезе во нашите соништа, е друго прашање.

Прелиминарните докази упатуваат на тоа дека емоционалните центри во мозокот се активни во текот на спиењето. Ако овие области се послаби, се намалува емоционалниот интензитет во нашите соништа. Сепак, може да станува збор само за корелации, така што сето ова е само теорија за поврзаноста. Под таканаречената „теорија за симулација на заканите“ се смета дека нашиот мозок се справува со стравот во животот вежбајќи ги заканувачките настани во нашите соништа.

1
Фото: iStock

Во меѓувреме, други модели посочуваат дека спиењето некако го решава емотивниот конфликт, намалувајќи ги негативните расположенија следниот ден.

И двете теории во основа се согласуваат дека доживувањето страв во сонот води до подобри реакции додека сме будни, само се разидуваат во врска со тоа на кој начин се прави тоа.

- Соништата може да се сметаат за вистински тренинг за нашите идни реакции и потенцијално може да нè подготват за соочување со вистинските опасности - вели Перогамврос.

Сепак, авторите сметаат дека ова не важи за кошмарите. За разлика од лошите соништа, каде што нивоата на стрес се умерени, кошмарите можат да предизвикаат преголема вознемиреност, што всушност може да го наруши сонот и да има негативно влијание врз нашите емоции кога ќе се разбудиме.

- Веруваме дека ако во сонот се надмине одреден праг на страв, тој ја губи својата корисна улога како емоционален регулатор - заклучува Перогамврос.

Авторите сега се заинтересирани за анализирање на кошмарите и позитивните емоции во нашите соништа за да видат како влијаат врз нас кога ќе се разбудиме.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука