X
 18.09.2025 Наука

Студенти објавија труд во кој тврдат дека можеме да патуваме низ времето

Во рецензиран научен труд научници тврдат дека математички ја докажале физичката изводливост на одреден тип патување низ времето. Трудот е објавен во списанието „Класикал енд куантум гравити“.

Жермен Тобар и Фабио Коста од Универзитетот во Квинсленд заедно работеле на истражувањето. Тие тврдат дека пронашле математички компромис што го решава големиот логички парадокс во еден модел на патување низ времето.

Суштината на откритието

Математиката зад овој труд е сложена, но поедноставено кажано, фокусот е на т.н. затворени временски криви, концепт што прв го споменал Алберт Ајнштајн. Тобар и Коста велат дека сè додека најмалку два елемента на сценариото се наоѓаат во „причинско-последователен ред“ во рамките на една затворена временска крива, преостанатите настани остануваат подложни на локална слободна волја.

- Нашите резултати покажуваат дека затворената временска крива не е само во согласност со детерминизмот и локалниот „слободен избор“ на дејствување, туку и со богат и разновиден спектар на сценарија и динамички процеси - се заклучува во нивниот труд.

Објаснување преку пример

- Замислете дека патувате низ времето за да спречите нултиот пациент да се зарази со коронавирус. Ако навистина го спречите тоа, тогаш исчезнува и причината зошто сте се вратиле назад за да ја запрете пандемијата. Тоа е парадокс - нелогичност поради која многумина мислат дека патување низ времето не е можно. Логички, тешко е да се прифати вакво сценарио бидејќи тоа би значело дека немаме слобода да преземеме каква било произволна акција. Со други зборови, можете да патувате низ времето, но не можете да направите ништо што би предизвикало парадокс - вели Коста.

Таквите исходи често се сметаат за „ефект на пеперутка“, каде што мала промена предизвикува огромни последици. Но вистинската математичка слика е поблиску до старата приказна за „шепата на мајмунот“ - внимавајте што посакувате и зошто патувате низ времето.

Како настаните се приспособуваат сами?


- Во примерот со нултиот пациент можеби ќе се обидете да го заштитите од инфекција, но тогаш вие самите би станале нултиот пациент, или тоа би бил некој друг. Независно од вашите постапки, клучните настани едноставно ќе се приспособат околу вас. Колку повеќе се обидувате да создадете парадокс, настаните сами ќе се преобликуваат за да го избегнат - вели Тобар.

Што значи ова за науката


Иако ова може да изгледа обесхрабрувачки за некој што би сакал да спречи пандемија или да го елиминира Хитлер, за математичарите тоа претставува решение на еден од фундаменталните проблеми во начинот на кој размислуваме за времето. Ова се вклопува и во некои откритија од квантната физика, како истражувањата спроведени во Лос Аламос.

Најмалку што ова истражување сугерира е дека некој што еден ден навистина ќе смисли начин за смислено патување низ времето, би можел да експериментира без страв дека веднаш ќе го уништи светот. Со други зборови, можеби и можеме да патуваме низ времето, но универзумот секогаш ќе најде начин да ги избегне парадоксите.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука