X
 04.03.2017 Наука

Што не треба да им кажуваме на срамежливите луѓе?

Веројатно секој ден се среќавате со разни видови и карактери на луѓе. Меѓутоа, сигурно не сте го знаеле податокот дека повеќе од 40% од луѓето се срамежливи, вели професорот по психологија Бернардо Кардучи, од универзитетот Индијана.

Срамежливоста не е секогаш очигледно, па затоа мора да бидете особено внимателни и во никој случај не треба да се однесувате офанзивно. Еве неколку реченици кои морате да ги избегнувате ако процените дека личноста која е во ваше друштво е срамежлива.

„Многу сте тивки“


Срамежливите луѓе имаат многу да кажат, откако ќе ве запознаат подобро, но можеби никогаш нема да дознаете ништо ако започнете со поагресивен став. Разговорот со некој што не го познавате не оди секогаш лесно. Срамежливата личност е како книга - дури тогаш кога ќе прочитате неколку поглавја, таа станува добра. Можеби на крајот да ви стане и најдрага.

„Не сте многу пријателски расположени“


Срамежливите луѓе сакаат да бидат друштвени и да разговараат, но не знаат како. Срамежливоста ги држи подалеку од она што би го сакале. Ако една личност од група на луѓе ви се чини дека е непријателски настроена, можеби е само срамежлива и не знае како да се вклопе. Обидете се со оваа личност да зборувате насамо. Срамежливите луѓе подобро функционираат во разговор со само една личност.

„Ме сфаќате што ви кажувам?“

Срамежливите личности немаат проблем со сфаќање, па немојте да ги осудувате пред времето. Очигледно во големи групи, во одделение, на предавање, срамежливите луѓе се исплашени. Може да не се согласуваат, меѓутоа не сакаат да навлегуваат во разговор. Немојте да ги повикате да кажат нешто. Тоа може да се спореди со ситуација кога не сте расположени да разговарате, а некој ви вели да се смеете и ве тера да покажете лажни емоции.

„Гледајте ме во очи“

Срамежливите луѓе се борат да реализираат контакт во очите. Ако сакате да дознаете зошто една личност не сака да ве гледа во очи, подобро би било да ги запрашате кога ќе бидете насамо. Срамежливите луѓе би се чувствувале посигурно ако ѝ објаснуваат само на една личност, а не на цела група.

„Зошто не зборувате погласно?“

Срамежливите луѓе не мислат дека зборуваат тивко. Во нивната глава гласот им е нормален. Не барајте од некој да зборува погласно, освен ако навистина не можете да го слушните, а и тогаш кажете го тоа љубезно и замолете ја личноста да зборува погласно.

„Само оди и започни го разговорот“


Можеби мислите дека на вашиот срамежлив пријател му е потребен само поттик за да го започне разговорот. Доколку барате од луѓето да направат нешто на кое не се подготвени, тие стануваат фрустрирани бидејќи им создава чувство на неуспех.

„Ќе го пребродиш тоа“

Срамежливоста често пати започнува во детството и не престанува после нечиј роденден. Срамежливоста не може да се преброди туку така. За да се совлада потребни се време и напор.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука