X
 29.01.2024 Технологија

Во Британија ќе се тестира прв автономен робот за поправка на патишта

Првиот робот кој ќе превенира правење дупки на патиштата ќе дебитира со тест на патиштата во Хертфордшир во Велика Британија, што е значаен чекор во одржувањето на патиштата. Создаден од технолошката компанија „Роботиз3д“ и академици од Универзитетот во Ливерпул, овој автономен производ првпат ќе излезе надвор од лабораториите.

Наречен Автономен систем за поправка на патишта (Autonomous Road Repair System или АРРЕС) „Превент“, роботот е опремен со вештачка интелигенција за детекција и анализирање на пукнатини и дупки на патиштата. Штом ќе ги идентификува, тој автономно ги пополнува пукнатините, со што спречува навлегување на површинските води и создавање дупка.

Иновацијата ветува заштеда на време и пари додека ги минимизира блокадите на патиштата. Навестувајќи потенцијална револуција во одржувањето на патиштата, оваа пионерска технологија може да го редефинира начинот на кој во иднина ќе се справуваме со предизвиците во одржувањето на патиштата, смета тимот.

Идејата почнала како истражувачки проект на Универзитетот во Ливерпул во 2016 година. Четири години подоцна била основана компанијата „Роботиз3д“, а во 2023 година бил развиен систем за анализирање и испитување на условите на површината на патиштата без човечка интервенција наречен АРРЕС „Ај“. Опремата може да собира податоци додека се движи со брзина од 96 километри на час, а возилото за одржување на патиштата скенира една лента со видно поле кое достигнува до три метри. Нуди детални информации и податоци, осигурувајќи опсежни анализи на дефектите на патиштата. Системот нуди точни податоци за видовите дефектите и прецизни локации.

Како продолжение на системот, роботот „Превент“ оперира автономно или преку далечинска контрола, патролирајќи по патиштата за да идентификува и затвора пукнатини и да спречи формирање на дупки. Возилото, кое работи на батерии и личи на мало комбе, исто така, ги снима деталите и локациите на поправките, а може да работи и дење и ноќе, без да е погоден од условите на осветленост, со што обезбедува непречена услуга. Дополнително, пристапот до податоци од далечина овозможува следење и менаџирање на операции во реално време од канцеларија.

Од компанијата тврдат дека нивната технологија може да понуди значително намалување на трошоците за одржување на патиштата за неверојатни 90 проценти, истовремено нудејќи 70 отсто поголема брзина во работата. Дополнително, овој пристап резултира со трипати помали емисии на јаглероден диоксид.

Иако сѐ уште е во пилот-фаза, новото возило било подложено на ригорозни лабораториски тестирања.

Извор и фотографија: Interesting engineering
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија