X
 04.08.2025 Живот

Вештачката интелигенција ќе го промени начинот на патување до 2035 година

Подгответе се за целосно нов начин на патување во следната деценија.

Според неодамна објавениот извештај за патувања на компанијата „Омио“, апликација и веб-страница што овозможува резервација на автобуси, возови, траекти и авиони на едно место - вештачката интелигенција ќе има сѐ поголемо влијание врз тоа како ги планираме патувањата.

Првиот извештај за иднината на патувањата, изработен од „Омиo“ во соработка со британската консултантска куќа „Фјучр лаборатори“, претставува радикални идеи за тоа како би можеле да размислуваме за патувања и резервации до 2035 година.

- Наместо патувањето да биде само премин од точка А до точка Б, целата авантура ќе се приспособува во текот на патувањето - вели Мартин Рејмонд, коосновач на „Фјучр лаборатори“.
 
Промени во планирањето

До 2035 година, според податоците на „Ворлд травел & Туризм каунсил“, овој сектор ќе придонесува со над 17 трилиони долари за глобалната економија.

Платформите за патување веќе нема да бидат само трансакциски, туку и трансформациски, приспособувајќи се на личните емоции и потреби за време на патувањето.

За потребите на овој извештај, „Омио“ ангажира многу индустриски експерти и ги анализира најновите трендови во патувањата. Целта беше да се објасни како ќе планираме патувања во иднина, особено со оглед на доаѓањето на генерацијата алфа (родени меѓу 2010 и 2024 година).

Оваа генерација ќе има сосема поинаков поглед на патувањата бидејќи од најрана возраст растат со мобилни уреди. За нив, светот е поповрзан и подостапен од кога било претходно.

patuvanje
Фото: Freepik

Резервирај патување според серијата што ја гледаш


Овој тренд веќе е започнат. Сѐ повеќе патници избираат дестинации под влијание на филмови и серии. Од серијата „Белиот лотус“ (која предизвика масовен интерес за Мауи, Сицилија и Тајланд), до инфлуенсерите на социјалните мрежи, содржините што ги гледаме директно влијаат врз тоа каде и како патуваме.

На пример, сѐ поголемата побарувачка за Јужна Италија ги поттикна авионските компании „Делта“, „Јунајтед“ и „Американ ерлајнс“ да воведат директни летови до Неапол, Катанија и Палермо.

„Омио“ предвидува дека платформите за патување наскоро ќе се интегрираат во забавните содржини, па ако ви се допадне тоа што го гледате, ќе можете едноставно со еден „клик“ да го резервирате патувањето.

Патувањата стануваат импулсивни и лични


Луѓето веќе нема да планираат патувања со месеци однапред, туку ќе ги резервираат во моментот додека гледаат „Инстаграм“ или јујтуб-содржини. Патувањата ќе се чуваат на профил, ќе можат лесно да се споделат и ќе бидат приспособени на интересите.

Роја Зајтун, директорка за култура и трендови во „Јутјуб“ за Европа, Блискиот Исток и Африка, вели дека „Јутјуб“ е втората најважна платформа за пребарување патувања.

Патниците сѐ повеќе ѝ веруваат на автентичната, „сурова“ содржина. Повеќе нема да трошат време на обемни истражувања, туку идеите ќе доаѓаат спонтано, додека ги користат омилените апликации.

Алатките на вештачката интелигенција ќе ја усогласуваат патничката содржина со нашите емоции и преференции. Исто така, корисничката поддршка ќе биде автоматизирана, што не секогаш е добра вест. Ботовите не секогаш ги знаат одговорите.

Максимална персонализација

Вештачката интелигенција може да креира планери за патување кои знаат сѐ за вашиот буџет, навики, омилени јадења, место во авион или програма за лојалност. Според извештајот за трендови на хотелите „Хилтон“ за 2025 година, 78 отсто од патниците сакаат сѐ да резервираат онлајн, без контакт со персоналот. Слично, повеќето сакаат да управуваат со патувањето преку мобилен телефон.

До 2029 година дури 73 отсто од туристичката продажба ќе биде онлајн. Вештачката интелигенција може да ја реорганизира маршрутата во реално време, па така, на пример, по непреспиена ноќ, вештачката интелигенција може да препорача „Убер“ наместо автобус, или електричен тротинет наместо такси ако сте со ограничен буџет.

Интермодални патувања и помалку багаж

Интермодалните патувања, односно користење повеќе видови превоз во едно патување ќе станат стандард. „Омио“ веќе овозможува резервација на сите сегменти на едно место, со известувања пред, за време и по патувањето. Билетите се добиваат преку е-пошта, сѐ е дигитално и синхронизирано. Луѓето ќе патуваат со помалку багаж, само со рачен. Вештачката интелигенција може да предложи повеќе патувања со јавен превоз, а помалку со авион.

Во извештајот е наведен примерот на јапонската програма на „Џапан ерлајнс“ со која однапред резервирани пакети со облека ги чекаат патниците на дестинацијата.

Борба против прекумерен туризам

Податоците на „Мекенси & Ко.“ покажуваат дека 80 отсто од туристите посетуваат само 10 отсто од светот. Вештачката интелигенција може да го пренасочи вниманието кон помалку познати локации и да поттикне патувања надвор од сезона. Патувањата и вештачката интелигенција ќе се поврзат за да го унапредат секој чекор од искуството. Платформите што ја интегрираат оваа технологија ќе бидат особено привлечни за новите генерации.

Извор: Forbes.n1info.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот