Десетина патенти што му припаѓале на шведскиот пронаоѓач и филантроп Алфред Нобел, а биле изгубени речиси 50 години, неодамна беа пронајдени во викендичката на еден шведски пар, соопштија од Нобеловата фондација.
Нобел, кој го открил динамитот во 1867 година и ги создал Нобеловите награди како барање во својот тестамент од 1895 година, имал стотици патенти во неколку земји, од кои повеќето се однесувале на методи на производство и употреба на експлозиви со нитроглицерин.
- Добивме повик од лице кое работи во аукциска куќа. Тој ги добил овие документи од еден пар од Блекинге, во јужниот дел на Шведска, кој пак ги пронашол во нивната викендичка. Ги разгледавме и видовме дека тоа се навистина документи од голема важност што сакаме да ги зачуваме за идните генерации - изјавила раководителката на Нобеловата фондација, Хана Стјарне.
Не е познато како патентите завршиле таму, но тие даваат уникатен увид во животот на Нобел, додала Стјарне.
- Беше зачудувачки да се отворат овие документи, да се погледнат, да се добие чувство за тоа каков бил животот пред 150 години и како Нобел патувал низ Европа, како работел во Европа - истакнала Стјарне.
Нобел бил познат како светски патник - го добил прекарот „најбогатиот скитник во светот“ - бидејќи во различни периоди од својот живот живеел во Шведска, Русија, Германија, Франција, САД, Велика Британија и Италија. За да ги заштити своите патенти и да избегне транспорт на опасен нитроглицерин на долги растојанија, пронаоѓачот основал компании во различни земји.
Еден од патентите од 1865 година е од особен интерес, според главниот кустос на Музејот Нобел, Улф Ларсон.
- Ова е патент од клучна фаза кога го измислил детонаторот и напредувал кон креирање на динамитот - заклучил Ларсон.
Фото: YouTube screenshot