Да се биде стар сигурно не е статусен симбол. Живееме во општество каде што вредноста на сè нагло паѓа по 50. година, но каде што, парадоксално, борбата за продолжување на животот и рестартирање на биолошкото стареење стана нова религија наречена долговечност.
Следбениците имаат сè што е потребно за нов култ: збор што звучи божествено (англ. longevity), аспирациска метрика (120–150 години, што научниците ја сметаат за граница на човечкиот живот), доктрина (филозофија „Не умирај“, заснована од биохакерот Брајан Џонсон со амбиција да стане највлијателна идеологија до 2027), заеднички непријател (смртта) и месија (генетичарот Дејвид Синклер или технокапиталистот Питер Тил).
6.000 научни труда за долговечност
Во 2024 година беа објавени речиси 6.000 научни труда за долговечност - петпати повеќе отколку пред 20 години. А бог е технологијата што генерира бескрајни анализи на виталните знаци.
Долговечноста, некогаш сфатена како комбинација на гени и навики, денес е трка на привилегираните: порано дијагностицирање, запирање на процесите на стареење - сето тоа со огромни трошоци.
Според извештај на консултантските куќи „Д фјучр лаборатори“ и „Тугедр груп“, долговечноста и луксузот станаа неразделни. Нетфликс-документарците „Не умирај: Човекот кој сака да живее засекогаш“ и „Живеј до 100: Тајната на сините зони“ го популаризираа поимот: првиот низ футуристичка дистопија, вториот преку враќање кон едноставниот живот.
Според извештајот, најдоброто вложување е во себе, па процедурите поврзани со долговечноста се претвораат во статусен симбол. Поранешните велнес-центри сега се нарекуваат ресорти за долговечност.
Персонализирана медицина како луксуз
Д-р Висенте Мера од луксузната клиника ША во Шпанија вели дека преминуваме од минлив велнес кон долгорочна стратегија за персонализирано здравје.
Во Мадрид, козметичкиот центар „Д бјути концепт“ воведе регенеративна медицина, персонализирани серуми и софистицирани тестови. Побарувачката толку пораснала што планираат да отворат нова клиника посветена на долговечноста.
Критики и сомнежи
Многумина предупредуваат на недостиг на независни истражувања: ефикасноста на многубројни третмани се темели само на студии на производителите. Директорот на стартапот „Егацеутикал“, Џоел Хуизенга, се фали дека работи со милијардери, а не со глувци, иако научни докази нема.
Професорот Тимоти Колфилд од Универзитет „Алберта“ во Канада истакнува дека инфлуенсери за долговечност всушност продаваат изглед, успех и секс, а не подолг живот.
Кој е вистинскиот рецепт?
Научниците нудат противречни теории: италијанскиот геријатар Луиџи Феручи тврди дека клучот лежи во митохондриите; Канаѓанецот Питер Атија вели дека мускулот е орган на долговечноста, додека тибетскиот мајстор Тензин Вангјал Ринпоче истакнува дека е доволно само да се спие осум часа дневно.
Иако сè уште не е познат вистинскиот рецепт, истражувачите од „Оксфорд“ и „Харвард“ пресметале дека откритие што би го продолжило животот за 10 години би вредело 367 милијарди долари. А, како што вели Колфилд, кога тоа ќе се случи - сите ќе знаеме.
Извор:
n1info.hr
Фото: Pixabay