X
 16.08.2017 Здравје

Десет златни совети за долг живот од славниот јапонски лекар кој доживеа 105 г.

Би можело да се каже дека доктор Шигеаки Хинохара е заслужен за долговечноста на Јапонците затоа што неговите совети во голема мера придонеле неговата нација да живее среќно и квалитетно.

Тој почина на 18 јули 2017 година, во својата 105. година, а во наследство на цел свет му оставил вредни сознанија за неодгатливата тајна за долг живот.

Сакате ли да доживеете „стотка“ и тоа во добра форма, во здраво тело и дух? Тоа е возможно – тој го покажал тоа на својот пример!

Хинохара помогнал и при воспоставувањето медицински системи, поради кои Јапонците се еден од најдолговечните народи во светот. Речиси до својата смрт Хинохара работел во болница, лекувал пациенти и им предавал на студентите по медицина.

Ова се неговите 10 златни совети за постигнување долг, здрав и квалитетен живот:

1. Енергијата доаѓа од тоа што се чувствуваме добро, а не од здравата исхрана и долгото спиење

„Сите се сеќаваме дека како деца, кога се забавувавме, честопати заборававме да јадеме или да спиеме. Верувам дека можеме да го задржиме истиот став и како возрасни – најдобро е телото да не се заморува со премногу правила, какви што се ручекот или сонот“, објаснува доктор Хинохара.

2. Чувајте се од дебелината!

Доктор Хинохара постојано нагласувал дека „стотката“ ја доживуваат лица што немаат вишок килограми, па затоа треба да се внимава на својата тежина и физичка кондиција. Не треба да се оптоваруваме со исхрана, но сепак треба да се води сметка да не се прејадуваме. Тој самиот, на пример, за појадок пиел кафе, чаша млеко и сок од портокал со лажичка маслиново масло. Верувал дека ова масло е одлично за крвните садови и кожата. За ручек јадел млеко и кекс, а често го прескокнувал ручекот кога бил презафатен. За вечера јадел зеленчук, риба и ориз. Двапати неделно јадел говедско месо.

3. Планирајте однапред!

Хинохара секогаш имал полн распоред за една година однапред, а планирал и повеќе за во иднина. Така, како што самиот кажувал, многу им се радувал на Олимписките игри во Токио што ќе се одржат во 2020 година. За жал, не ги доживеал, но неговиот став кон животот и плановите укажуваат колкав оптимист бил самиот, што исто така е многу важна претпоставка за долговечност.

4. Не морате да заминете во пензија ако не сакате!

„После 65. година почнав да волонтирам. Предавам и ги посетувам пациентите, дури и по 18 часа дневно, и уживам во секој момент во мојата работа“, велел тој. Доколку човек сака да работи, нека работи. Ако не сака, нека замине во пензија и нека се посвети на она што сака да го работи.

5. Делете ги знаењата и вештините со другите!


Хинохара годишно одржувал околу 150 предавања. Им предавал на сите – од дечиња во школо до сериозни бизнисмени и лекари. Секогаш предавал стоејќи, а предавањата некогаш му траеле и по 90 минути. Имал обичај да каже колку стоењето го прави силен.

6. Не верувајте во сè што ќе ви рече лекарот

Доктор Хинохара сметал дека лекарите не можат да ја излечат секоја болест, и секој пациент. Им предлагал на луѓето на кои лекарот им препишувал терапија да го прашаат дали истото би им го препорачал на своите блиски. Доколку одговорот бил негативен, зошто да се изложуваат на непотребен стрес и страдање? Верувал дека животните и музиката имаат големо влијание при оздравувањето, многу поголемо отколку што смета медицината.

7. Секогаш користете ги скалите и самите носете го својот багаж

За да останете здрави и витални, заборавете на лифтот. Секогаш и секаде одете по скали и трудете се да го носите својот багаж в рака. Хинохара цел живот се качувал по скали и секогаш прескокнувал по една. Скалите и пешачењето се секојдневна вежба за вашето срце и за целото тело.

8. Инспирирајте се секојдневно

Читајте, пронајдете инспирација во книжевноста на писателите кои ве инспирираат. Така правел и Хинохара. За него најинспиративна била поемата на Роберт Браунинг – Abt Vogler. Не морате да се задржите само на книжевноста. Слушајте музика, уживајте во ликовната уметност, шетајте во природа...

9. Болката е мистериозна...

Најефикасен начин за справување со болка е низ игра и забава. Кога детето ќе се удри, објаснувал Хинохара, ќе плаче сè додека вниманието не му го окупира нешто друго. Тогаш ќе заборави на болката. Така би требало да прават и возрасните. Болката треба да се „удави“ во забава. Сметал дека во болниците би требало да се доведат терапевтски кучиња и останати животни, како и музика која ќе им помогне на пациентите да се носат со болката.

10. Не трупајте материјални работи

„Не трошете го животот на трупање материјални работи затоа што бездруго нема да ги земете со себе кога ќе умрете“, бил едноставен Хинохара во последниот од десетте златни принципи на долговечноста.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје