Како дел од бунт против неовластено користење музика за тренирање модели на вештачка интелигенција, неодамна беше издаден целосно тивок албум, достапен за бесплатно слушање, со бонус песна на Пол Макартни и издание на винил. Музичкиот албум, потпишан од повеќе од илјада светски музичари, наречен „Is this what we want?” („Дали е ова она што го сакаме?“), е објавен како протест против тоа што ВИ-системите користат авторска музика за да ги тренираат своите генеративни модели.
На проектот се приклучија многу музичари од целиот свет, а албумот во еден момент достигна на 38. место на британската топ-листа. Сето тоа не би било необично ако не се работеше за празен албум, односно целосна тишина.
Преку тишината музичарите испратија порака против неовластеното користење на нивните песни за развој на ВИ. Наместо препознатливи мелодии и стихови, снимките содржат само тивко шушкање и повремени звуци на тапкање, како симболична порака: ако компаниите продолжат да ја користат авторската музика незаконски за тренирање на своите модели, креативноста ќе биде задушена.
Законот за авторски права и вештачката интелигенција сè уште се наоѓа во одредена сива зона. Постојните правила за интелектуална сопственост, кои се развивале со години, забрануваат повреда на туѓо авторско право. Сепак, појавата на новите системи за вештачка интелигенција отвора прашања околу тоа што е дозволено да се генерира и кој има права на содржината создадена од ВИ. Проблемот не е само со музиката, туку се однесува и на книги и на други креативни дела.
Судска практика
Прашањето колку е дозволено музиката на одредени автори да се користи за тренирање модели на ВИ е од клучно значење. Според основните принципи на авторското право, тоа не би смело да се случува. Во САД се води случај „Њујрок тајмс“ против „Опен АИ“, во кој „Њујорк тајмс“ тврди дека неговите новинарски статии биле користени за тренирање ВИ, која на некој начин собира информации од интернет за да го усоврши својот алгоритам.
Исто така, постојат и постапки пред европските судови каде што ќе се утврди дали авторското право има поголема сила од интересот на општеството за развој на технологијата.
Традиционалното право на интелектуална сопственост вели дека авторско дело може да создаде само човек.
На полето на музиката, користењето на гласот се смета за биометриски фактор. Злоупотребата е проблематична и води до тужби. Прашањето кој да се тужи најчесто се однесува на оној што го користи алатот, а не на оној што го произвел.
Извор:
Rts.rs
Фото: Wikipedia