X
 25.06.2025 Живот

„Кумот“ на вештачката интелигенција ја открива единствената професија што ќе преживее

Џефри Хинтон, кој порано работеше во „Гугл“, е на мисија да ја подигне свеста за опасностите од вештачката интелигенција (ВИ) - и покрај тоа што помогнал во нејзиното обликување.

Наречен „Кум на ВИ“, 77-годишникот ја напуштил својата позиција во „Гугл“ во 2023 година во обид да ги предупреди луѓето за ВИ, за која верува дека е закана за човештвото.

- Треба да препознаеме дека ова е егзистенцијална закана и мора да се соочиме со тоа дека ако не направиме нешто наскоро, тогаш сме близу до крајот - му објаснил тој на Стивен Бартлет во неговиот поткаст „Дневникот на еден извршен директор“.

Значи, ако когнитивниот психолог изразува страв дека ВИ би можела да го преземе светот, навистина треба да почнеме да се подготвуваме, а еден начин е да бидеме селективни во врска со тоа кои работни места ќе ги прифатиме, очигледно. Истражувањето на кариерните патеки не е баш подготовка за светска доминација на ниво на ВИ, но ќе помогне во годините пред тоа.

Кога го прашале каков би бил неговиот совет за луѓето и нивните кариерни перспективи, Хинтон одговорил:

- Би рекол дека ќе помине долго време пред да биде толку добра во физичката манипулација како нас, па затоа добра опција би била да се биде водоинсталатер.

Потоа Бартлет го поставил прашањето кои индустрии се најизложени на ризик целосно да бидат преземени од вештачката интелигенција, истакнувајќи дека адвокатите и сметководителите наскоро би можеле да бидат заменети.

- Да, затоа ги споменав водоинсталатерите, мислам дека водоинсталатерите се помалку изложени на ризик. Некој како правен асистент, помошник на правник - тие нема да бидат потребни - рекол Хинтон.

Тој не е единствената личност што се плаши за иднината на своите деца и внуци, а и на Илон Маск му е поставено прашањето за развојот на вештачката интелигенција и кои кариери би им ги препорачал на неговите деца.

- Па, тоа е тешко прашање. Би рекол само да го следат нивното срце во однос на тоа што им е интересно да прават или што ги исполнува. Ако размислам за тоа, искрено, може да биде обесхрабрувачко и демотивирачко бидејќи вложив многу крв, пот и солзи во градењето на компаниите, а потоа си велам: „Чекај, дали треба да го правам ова?“ На крајот на краиштата, вештачката интелигенција може да ги прави сите овие работи. До одреден степен морам намерно да го суспендирам неверувањето за да останам мотивиран, па претпоставувам дека би рекол само да работам на нешта што ги сметам за интересни, исполнувачки и да придонесам добро за остатокот од општеството - изјавил извршниот директор на „Тесла“.

Извор: unilad.com

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот