X
 05.01.2026 Живот

Анета Оџакова заврши втор факултет на 55-годишна возраст: „Тргнав во остварување на еден животен сон кој стрпливо чекаше во најскриената фиока од моето срце“

Анета Оџакова на 55-годишна возраст го заврши вториот факултет - Филолошки факултет при УГД во Штип. Таа е мајка, баба на две внучиња, економист, а сега и професор по македонски јазик и книжевност. Во продложение ви го пренесуваме нејзиното писание по повод дипломирањето и почетокот на новата година:

За едно прекрасно патување, за сонот, за желбите и нивното остварување


Годините не се само бројки. Тие се насобрано искуство, трагање по себе, разни мечти и соништа - некои остварени, некои не.
Ова мое писание е токму за тоа и неговата цел е некому да биде инспирација и мотивација, а никако фалба за хранење на мојата суета.



Првата слика датира од крајот на деведесеттите години на минатиот век, кога се стекнав со диплома на Економскиот факултет при УКИМ. Одамна беше... Тогаш, во тоа време, движејќи се некако по инерција на завршено средно економско училиште се запишав на Економски факултет во Скопје, а желбата и љубовта кон книжевноста ги потиснав длабоко во себе.
Тие си останаа вгнездени и притаени во некое мало катче од моето срце, отстапувајќи му место на мајчинството и борбата со секојдневното животно течение, вообичаено испреплетено со мноштво среќни и тажни случувања и моменти. Животот е сплет од правилни и погрешни одлуки, а и едните и другите придонесуваат да си ја научиме лекцијата.

Многу години подоцна во нашите животи настапи време обременето со нешто кое никој од нас ни во најлошиот сон не го предвидуваше – настапи короната. Светот беше покорен и коленичеше пред невидливиот непријател, кој безмилосно удри врз нашите животи. Тоа беше најмрачниот период, кога нашата меѓусебна човечка комуникација се сведе на минимум. Од стравот, кој ни беше наметнат, скржавевме во сѐ: плашливо се поздравувавме, не се допиравме, престанавме да се прегрнуваме. Тогаш најмногу ми недостигаа прегратките – оние топли, човечки прегратки со кои ја споделуваме радоста и тагата со некого. Исчезнуваа луѓето, дружењето, топлината - како некој да ги бришеше со огромна гума за бришење.

Токму во тој период бев благословена со најголемиот, најскапоцениот и најзначајниот подарок во мојот живот – мојот внук Антон, чие доаѓање ме направи баба, најсреќна на свет.

Короната косеше сѐ пред себе и како на многумина, го покоси и моето работно место – нешто што го прифатив без огорченост и страв. Но, токму короната беше онаа што иако измести многу работи, беше иницијална каписла или отрезнувачки прекинувач што ме натера да ја сфатам галопирачката минливост и кревкост на животот. Таа беше пресвртница.

И тогаш, на педесетгодишна возраст, во месец октомври 2021година, го започнав моето прекрасно животно патување - студирање на Катедрата за македонски јазик и книжевност при УГД во Штип и станав баба-студентка.

Тргнав во остварување на еден животен сон, кој стрпливо чекаше, притаен во најскриената фиока од моето срце. Неговото остварување траеше неполни четири години – што и не е многу како за животен сон. Се остваруваше чекор по чекор, со цврста решеност, со голема упорност и многу труд, преку патување на релација Струмица-Штип, присуство на предавања, вежби, колоквиуми, проектни задачи, испити. Еден сосем поинаков, поразличен начин на студирање од оној пред триесет години.

На тоа прекрасно животно патување бев благословена со мноштво нови личности и пријатели, со моите прекрасни и убави колешки - моите светулки, со кои се дружевме и несебично споделувавме, си помагавме и учевме. Бесценети моменти!
Прекрасните професори на најдобар начин ни го пренесуваа и го споделуваа нивното знаење со нас. Топло и срдечно ме пречекаа и ме водеа по патот на знаењето, без да ги збуни или да ги зачуди присуството на личност како мене, многу повозрасна од нив, која редовно и внимателно ги следеше нивните предавања.

Таму, благодарение на нив, дојде до израз мојата голема љубов кон книгите. Се чувствував како во топол дом, како цел живот да сум го чекала тоа – да зборувам со некого за она што го читам.

Животот ми се збогати со многу нови пријатели, кои на секој можен начин ме поддржуваа и ми овозможуваа движење кон целта. Почнувајќи од Влатко на студентски прашања, па мојата сакана Јасминче од библиотеката на Кампус 4, каде што поминував многу часови и за која никогаш немаше книга која не можеше да ми ја најде, зашто ако немаше кај неа, имаше кај Мимето, во библиотеката на ФОН. Цела плејада од топли и мили луѓе кои ми го облагородија животот.

И, по неполни четири години, во јуни 2025 година стасав до целта и сонот стана јаве, а желбата – реалност. На втората слика сум јас, мајка на три полнолетни деца и баба на две мили внучиња, а во раката го држам остварен мојот сон – диплома за професор по македонски јазик и книжевност. Личноста која е најзаслужна и на која со право можам да кажам дека ù ја должам дипломата е мојата најдобра другарка Елеонора Велкова, која ме поттикна и силно веруваше во мене и моите можности, уште пред самата да поверувам во нив.



Секогаш ќе постојат луѓе кои ќе се обидат да ве убедат дека нивните стравови се вашите граници. Но, оние што вистински ве сакаат ја гледаат вашата светлина, дури и кога вие ја заборавате. И тогаш, кога ќе престанете да ги слушате гласовите кои ви кажуваат да останете таму каде што сте и ќе почнете да им верувате на оние што ви кажуваат да блескате...тогаш започнува вистинскиот живот.

ЖИВОТОТ Е ЗАВИСЕН ОД СРЕЌАТА. СРЕЌАТА Е ЗАВИСНА ОД ЖЕЛБИТЕ. ЖЕЛБИТЕ ЗАВИСАТ ОД НАС!
Затоа, драги мои пријатели, ви посакувам Новата година да донесе остварување на сите ваши желби или барем на поголем дел од нив.

Сонувајте и никогаш не престанувајте да сонувате! Осмелете се и тргнете смело кон целта - кон остварување на вашиот сон. Желбите стануваат реалност кога силно верувате и се трудите. Тогаш животот ќе ве помилува со нивното остварување. Верувајте, можно е! Животот е убав и сам по себе е чудо – поголемо чудо од него не постои.

Денес ставам две свеќички со бројот 5 на мојата роденденска торта. Со задоволство запишувам две петки во книгата на мојот живот. Многу убава бројка, составена од две петки кои толку многу ги сакав како ученичка, а сега уште повеќе се радувам кога им ги пишувам на моите ученици.

Ја отворам ширум вратата за претстојната година од животот и ù велам:
„Повели, влези педесет и петта годино од мојот живот – очекувана си! Биди ми среќна и спокојна!“

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот