X
 22.06.2018 Образование

Филолошкиот и Факултетот за образовни науки на УГД ќе примат повеќе студенти годинава

Најголема квота за студенти годинава е отстапена за Факултетот за медицински науки, кој ќе прими 620 кандидати


Вкупно 5.037 редовни студенти ќе прими Универзитетот „Гоце Делчев“ годинава на првиот уписен рок. Тоа е за 175 помалку од ланскиот прв уписен рок. Во државна квота се слободни 3.078 места, со кофинансирање – 1.064, а вонредни – 895.
Најмногу места годинава се отстапени за Факултетот за медицински науки од Штип, вкупно 620. До лани приматот на најмногубројна катедра го имаше Факултетот за туризам и бизнис-логистика, кој го има во Гевгелија, Скопје и во Штип. Годинава ќе прими 610 студенти, односно 120 студенти помалку.

Повеќе студенти (200) од лани ќе може да прими УГД на Факултетот за образовни науки во Штип. Повеќе ќе има и на Филолошкиот факултет (за 50 повеќе од лани) и ќе прими 430. На Економски ќе бидат слободни 560 места, исто како и лани. По 540 студенти, како и лани, ќе примат Земјоделскиот факултет (Штип, Струмица, Кавадарци, Прилеп) и Факултетот за информатика (Штип, Скопје, Кавадарци). На Музичката академија во Штип – 152. Десет студенти помалку, односно 35, ќе можат да се запишат на Ликовната академија.
За помалку студенти е распишан конкурсот и на Правниот факултет. Ќе бидат примени 350, што е за 70 студенти помалку од лани.


Годинава во мирување ќе биде отсекот Применета политика и дипломатија.
На Факултетот за природни и технички науки ќе можат да се запишат 355 студенти. Електротехничкиот факултет во Радовиш и во Штип во првиот уписен рок ќе може да запише 190 студенти. Десетмина повеќе студенти ќе може да прими Машинскиот факултет во своите оддели во Штип, Струмица, Виница. Технолошко-техничкиот факултет во Пробиштип ќе прими 175 студенти.

Најмладиот факултет на УГД, одделот за современ танц, ќе прими 30 студенти. Половина од студентите ќе можат да се запишат на насоката на англиски јазик, што ќе биде новина за учебната 2018/2019.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование