X
 05.02.2023 Живот

Најдолгото истражување конечно го открива рецептот за среќа

Среќата е ментална состојба на целосно задоволство и смиреност заснована на внатрешен, ментален мир и хармонија во односите со надворешниот свет. Сепак, има различно значење за различни луѓе. Но, да речеме дека би можеле да промените една работа во вашиот живот за да станете посреќна личност, како што се финансиите, работата, врските или здравјето. Што би направило најголема разлика?

Тоа е прашањето што д-р Роберт Валдингер, психијатар во Општата болница во Масачусетс и професор по психијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Харвард“, го истражува како водач на најдолгото научно истражување за среќата во светот. Најдолгото истражување, наречено Харвардско истражување за развој на возрасни, кое почнало во 1938 година, ги следело луѓето од нивните тинејџерски години до староста, така што открило големи сознанија за она што го прави животот добар.

- Поминавме толку многу време проучувајќи што не е во ред во животот. Така беше и ова истражување за тоа како некој прави добри избори во текот на животот - вели Валдингер.

Истражувањето ги следело луѓето со децении консултирајќи се со нивните родители, а сега и со нивните деца. Валдингер забележал дека постојат различни видови среќа. Сите сме ги доживеале овие изливи на среќа, како „прекрасно си поминувам на забава“, а потоа е среќата што доаѓа од чувството „имам добар, пристоен и значаен живот“, објаснува тој.

- Сите ги сакаме и двете, но некои од нас претпочитаат еден вид среќа пред другиот - истакнува Валдингер.

Кој е рецептот за среќа?

Aко луѓето навистина сакаат да бидат среќни, Валдингер забележува една работа што треба да ја направат.

- Треба да инвестираат во односите со другите луѓе - вели тој.

Валдингер вели дека иако многу млади луѓе мислат дека славата, богатството и напорната работа ќе им донесат среќа, всушност, нашите социјални врски се најважни за нашата благосостојба.

Неговото истражување покажа дека најсилните прогнози за среќа и здравје се квалитетните и топлите врски. Ова се однесува на широк спектар на интеракции во секојдневниот живот, од вашиот сопружник, блиски пријатели и колеги до келнерот кој го прави вашето утринско кафе или лицето што ви ја носи поштата.

- Добиваме мали дози на благосостојба во сите овие различни типови врски - додаде тој.

Тој укажува на односите што дејствуваат како регулатори на стресот во нашиот секојдневен живот. Хроничниот стрес е поврзан со голем број негативни здравствени ефекти и може да влијае врз физичкото и менталното здравје на луѓето. Квалитетниот и ефективен излез од тоа, како добар пријател со кој треба да разговарате по долг ден, може да помогне да се намали тој притисок. Не мора да бидете екстроверт за да ги искористите овие социјални придобивки. Валдингер вели дека сѐ додека се чувствувате пријатно и поврзани, вашите односи ви користат на многу начини.

Валдингер ја истакна важноста да се вложи труд во пријателствата, велејќи дека многу вредни врски можат да исчезнат поради занемарување. Дури и ако сфатите дека можеби немате такви врски, можете да почнете да ги создавате уште денес.

- Знаете, ние следевме животи осум децении. А прекрасната работа во следењето на овие животни приказни е тоа што научивме дека никогаш не е доцна. Имаше луѓе што мислеа дека никогаш нема да имаат добри односи, а потоа најдоа неколку добри блиски пријатели во нивните 60-ти или 70-ти година. Имаше луѓе што првпат ја пронајдоа романсата во своите 80-ти. Затоа, пораката од проучувањето на овие илјадници животи е дека никогаш не е доцна - објасни тој.

Значи, ако во последно време размислувате за вашата благосостојба и можеби сте сакале да контактирате со пријател, член на семејството или близок, никогаш не е доцна да испратите брза порака и да го надоместите пропуштеното.

Извор: Zivim.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот