X
 05.03.2020 Живот

Австралиските лета се двојно подолги од зимите

Летата во Австралија станаа двапати подолги од зимите поради сѐ повисоките температури предизвикани од климатските промени, покажуваат новите анализи на податоците за временските услови.

Аналитичкиот центар Институт Австралија утврдил дека летата во поголемиот дел од земјата во текот на изминатите 20 години биле околу еден месец подолги отколку кон средината на 20 век, додека зимите се скратиле. Во периодот помеѓу 2014 и 2018 година било утврдено дека летата биле подолги за околу 50 отсто.

Овие податоци доаѓаат по најтоплата и најсува година што некогаш била забележана во Австралија.

- Нашите резултати не се проекција на она што можеби ќе го гледаме во иднина. Се случува сега - истакна Ричи Мерцан од Австралискиот институт.

Во Австралија во текот на изминатите неколку месеци имаше разорни пожари, во кои загинаа 33 лица и околу една милијарда животни. Додека научниците велат дека климатските промени не се директна причина за пожарите, тие долго време предупредуваа дека потоплата и посува клима ќе придонесе пожарите во Австралија да станат почести и поинтензивни.

Што е наведено во извештајот?

Во анализата Институтот ги споредува податоците од Метеоролошкото биро од 1999 до 2018 година со репери од средината на 20 век. Било утврдено дека летните температури траеле 31 ден подолго отколку во 50-тите и 60-тите години, додека зимата била пократка за околу 23 дена.

Било забележано и дека некои области, како што е градот Порт Маквори во Нов Јужен Велс, доживеале уште подрастични промени во должината на годишните времиња, со седум дополнителни недели со традиционално летни температури за разлика од 50-тите и 60-тите години на минатиот век.

- Летата во последните неколку години станаа подолги од кога и да е, а во последните пет години се соочивме со лета кои се двојно подолги од зимите. Температурите што се сметаа за летни во 50-тите години сега се протегаат од почетокот и средината на ноември до средината на март - истакна Мерцан.

Австралиската влада се соочи со критики поради политиките поврзани со климата додека траеја пожарите. Австралија е еден од најголемите емитувачи на јаглероден диоксид по лице, претежно затоа што сѐ уште е многу зависна од енергија добиена од согорување на јаглен.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот