X
 05.03.2025 Живот

Милијардер го тужи синот за обид за „државен удар“ во компанијата

Квек Ленг Бенг, милијардер во секторот недвижности, поднесе тужба против својот син Шерман Квек поради борбата за контрола над семејната компанија - гигантот за недвижности „Сити дивелопментс Лтд“ (Си-ди-ел).

- Поднесовме судски документи за да ги поставиме работите на свое место. Ова е неопходно за да се спречи обидот за државен удар на ниво на управниот одбор и да се зачува корпоративниот интегритет - изјави 84-годишниот Квек Ленг Бенг, извршен претседател на Си-ди-ел.

Семејна борба за моќ

49-годишниот Шерман Квек е главен извршен директор на Си-ди-ел од 2018 година. Постариот Квек го обвинува дека соработувал со некои членови на одборот за да преземе целосна контрола врз компанијата преку промена на управниот одбор. Тој тврди дека неговиот син именувал два нови директори без соодветна проверка од комисијата за именување.

 - Нашата намера е да го смениме главниот извршен директор во соодветен момент. Ќе ги истражиме сите правни можности за да ги заштитиме интересите на Си-ди-ел и нејзините акционери - изјави милијардерот.

Финансиски пад и внатрешни тензии

Веста за конфликтот во управата дојде веднаш по објавувањето на финансискиот извештај, кој покажува дека нето-добивката на компанијата за 2024 година се намалила за 37 отсто, достигнувајќи 150,5 милиони долари.

 - 2024 година беше исклучително предизвикувачка, со макроекономски притисоци и проблеми специфични за секторот, што влијаеше врз краткорочните приходи и плановите за преструктурирање на портфолиото - изјави Шерман Квек.

Одговорот на синот


Во одделно соопштение Шерман Квек, во име на мнозинството од одборот, нагласи дека неодамнешните промени во управниот состав не биле обид за отстранување на претседателот.

 - Овие чекори беа преземени единствено со цел да се подобри корпоративното управување на Си-ди-ел и да се осигури дека одборот носи одлуки врз основа на највисоки стандарди - се вели во неговата изјава.

Тој додаде дека е неверојатно разочаран што претседателот и малцинството во одборот одлучиле да преземат толку екстремни чекори.

Колку е богат Квек Ленг Бенг?


Со нето-богатство од 11,5 милијарди долари, Квек Ленг Бенг и неговото семејство се меѓу најбогатите луѓе во Сингапур. Тој, неговиот покоен брат Квек Ленг Жу и нивниот татко Квек Хонг Пнг во 1971 година ја купиле „Сити дивелопментс“. Во тој период компанијата била прилично неуспешна, па ја претвориле во еден од најголемите градежни гиганти во државата, со пазарна вредност од 4,6 милијарди сингапурски долари.

Освен Си-ди-ел, Квек Ленг Бенг е и извршен претседател на приватната „Хонг Леонг груп“, која неговиот татко ја основал во 1941 година како трговска компанија.

Случајот во меѓувреме влезе во судска процедура, а резултатот ќе ја одреди иднината на една од најголемите компании за недвижности во Сингапур.

Извор: Forbes.n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот