X
 13.09.2026 Живот

Компанија основана во 1925 година не отпуштила ниту еден вработен досега

Американскиот сон често се поврзува со идејата некој да започне мал бизнис, да го развие и од него да направи успешна компанија. Сепак, мал број фирми можат да се пофалат со историја каква што има „Торани“.

Оваа американска компанија, позната по сирупите со различни вкусови што се користат во кафе, коктели и други пијалаци, е основана уште во 1925 година. Оттогаш ги преживеа Големата депресија, Втората светска војна, многу економски кризи и ковид-пандемијата, а во повеќе од еден век работење нема отпуштено никого.

Приказната на компанијата започнала во квартот Норт Бич во Сан Франциско, место познато по големата италијанска заедница.

Од пет вкуса до стотици илјади шишиња дневно


Во 1925 година италијанските Американци Риналдо и Езилда Торе ја основале„Торани“. По посетата на роднините во италијанскиот град Лука, во САД донеле пет вкуса на сируп кои тогаш не биле вообичаени на американскиот пазар.

Од тие неколку производи настанала компанија која денес во понудата има повеќе од 150 различни сирупи, ароми и додатоци за пијалаци.

Врз развојот на работата влијаела и прохибицијата во САД, кога од 1920 до 1933 година било забрането производство и продажба на алкохолни пијалаци. По укинувањето на прохибицијата, „Торани“ се вклучил и во производството на дестилирани алкохолни пијалаци, а Езилда Торе станала една од првите жени во САД што се занимавала со нивна обработка и подготовка за продажба.

Во 1938 година голема трагедија ја погодила компанијата кога Риналдо Торе ненадејно починал од срцев удар. Езилда останала со две мали деца, но со поддршка од семејството продолжила да го води бизнисот.

Денешната извршна директорка на компанијата, Мелани Дулбеко, подоцна објасни дека токму тој момент и денес се смета за важен дел од културата на фирмата.

- Ѝ рекоа: „Ќе ти помогнеме да ги одгледаш децата. Ќе ти помогнеме во работата ако биде потребно, но ти  можеш да го направиш тоа“. И таа успеа. За тоа зборуваме и денес бидејќи сметаме дека тоа е дел од нашата ДНК кога ќе дојдат тешки времиња, се држиме заедно како семејство - вели Дулбеко.

Компанијата успеала да опстане и за време на Втората светска војна, но нејзиниот голем пробив се случил многу подоцна.


Во 1982 година засладениот сируп од ванила на „Торани“ бил употребен за правење на еден од првите ароматизирани лате-пијалаци во познатото кафуле „Триесте“ во Сан Франциско. Компанијата потоа се насочила кон пазарот на специјализирано кафе, што ѝ овозможило силен раст.

Денес во Сан Леандро во Калифорнија има фабрика од 30.600 квадратни метри во која во просек се произведуваат околу 450.000 шишиња сируп дневно.

Ниту тој раст не поминал без сериозни кризи.

За време на ковид-пандемијата, затворањето на кафулињата и рестораните доведе до пад на продажбата токму во сегментот кој за „Торани“ е исклучително важен. Додека многу компании тогаш го намалуваа бројот на вработени, раководството на „Торани“ се обиде да најде начин да ги зачува сите работни места.

Истовремено, компанијата спроведуваше повеќегодишен план за преселување во нов производствен погон. Дулбеко подоцна раскажа дека имало предлози фирмата да замине во некоја друга американска сојузна држава за да ги намали даноците и да добие субвенции.

Но „Торани“ го одби тоа.

Наместо локацијата на фабриката да ја избираат исклучиво врз основа на трошоците, прво анализирале каде живеат нивните вработени и одредиле подрачје во кое би морала да се наоѓа новата фабрика за луѓето да не мора да се селат или да ја напуштат работата.

- На сите им кажавме две и пол години однапред дека целта ни е да задржиме 100 отсто од вработените - вели Дулбеко.

Работниците дури биле вклучени и во планирањето на новиот погон за работното место да биде приспособено на нивните потреби.

За Дулбеко, токму таквиот однос кон вработените ѝ помогнал на компанијата да ги преживее тешките периоди.

- Посветеноста кон луѓето за кои се грижиме ѝ користи и на самата компанија бидејќи ни овозможува да го задржиме растот и да бидеме поотпорни во тешки времиња - изјави таа.

Ниту вештачката интелигенција не е причина за отпуштања

Нов голем предизвик за компаниите во светот сега претставува вештачката интелигенција. Автоматизацијата и вештачката интелигенција веќе го менуваат начинот на работење, а одредени фирми отворено зборуваат за можноста за намалување на бројот на вработени благодарение на новите технологии.

„Торани“ се обидува да тргне по спротивниот пат.

Мелани Дулбеко ѝ се приклучи на компанијата во 1991 година, кога „Торани“ имаше едвај осум вработени и сè уште функционираше како мал семеен бизнис. Во текот на следните децении компанијата значително порасна, но политиката кон вработените остана еден од централните принципи на работењето.

Дулбеко не очекува дека вештачката интелигенција ќе го заобиколи „Торани“. Напротив, смета дека таа драматично ќе го промени начинот на работа.


- Тоа многу ќе ги промени работите, но нашиот пристап ќе биде ист како и досега. Прашањето е: како со помош на тие промени да направиме квалитетни работни места за сите - изјави таа.

Наместо вештачката интелигенција да ја користи првенствено како средство за намалување на трошоците и бројот на вработени, компанијата сака технологијата да им овозможи на работниците да бидат попродуктивни и да преземат нови видови работни задачи.

Дулбеко смета дека долгогодишната сигурност што компанијата им ја дава на вработените е една од причините поради кои тие се поподготвени да ги прифатат новите технологии.

Кога луѓето не се плашат дека новата технологија ќе ги замени, поголема е веројатноста дека ќе сакаат да ја научат и да ја користат.

Токму во тоа деловната филозофија на „Торани“ се разликува од моделот што го применуваат многу други компании.

- Повеќето компании прво ги гледаат финансиските резултати, а на луѓето гледаат како на алатка со чија помош ќе ги остварат. Ние на тоа гледаме обратно - прво ги гледаме луѓето. И тоа за нас функционира многу добро - заклучи Дулбеко.

По повеќе од 100 години работење, „Торани“ од мала семејна фирма со пет вкуса на сируп израсна во голем производител чии производи стигнуваат во целиот свет. Но она по што компанијата можеби најмногу се издвојува не е бројот на производи, ниту големината на фабриката, туку тврдењето дека низ некои од најголемите економски и општествени кризи во последниот век успеала да ги сочува своите вработени.

Извор: Nova.rs
Фото: Instagram

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот