Замислете да ве плаќаат за спиење. Секако дека звучи како нереална работа, но една компанија во Сингапур го нуди токму тоа.
На својот инстаграм-профил компанијата за мебел „Јогибо“ објави дека е во потрага по луѓе што ќе дремат, или како што тие ги нарекуваат, лидери за дремки.
- Бараме професионални лидери за дремки и да, ова е вистинска работа - пишува компанијата „Јогибо“ објаснувајќи дека позицијата ќе трае од јули до септември.
Сѐ што треба да прават избраните кандидати е да спијат на перницата „бинбег“ од „Јогибо“. Дополнително, кандидатите ќе добиваат и бесплатна кафе-пауза, а ќе бидат платени по 7 долари на час.
За да се пријавите, потребно е само да испратите порака на социјалните мрежи на „Јогибо“ и да објасните зошто ја сакате оваа работа. Заинтересираните не мораат да испраќаат биографија, ниту им е потребно некакво „искуство“.
Од „Јогибо“ истакнуваат дека по случаен избор ќе одберат неколку кандидати за интервју, но ќе вработат само двајца до тројца кандидати.
- Ова е привремена можност затоа немојте да ја преспиете шансата. Пишете ни пред некој друг да ви ја „украде“ работата од соништата - велат од „Јогибо“.
Портпаролот на компанијата вели дека целта на кампањата е да ја предизвика традиционалната идеја дека малопродажните простори се наменети само за купување.
- Оваа кампања ја промовира вредноста на одморот како дел од секојдневниот живот. Со мотото „Бесплатно кафе, бесплатна дремка, ослободи го умот“, во Сингапур сакаме да воведеме освежувачки нов пристап кон велнес-продажбата - објаснува портпаролот и додава дека кандидатите ќе треба да дремнуваат приближно два до три часа дневно, почнувајќи од околу 12:30 часот.
Од нив се очекува да работат (спијат) два до три дена неделно, според флексибилна шема. Кандидатите ќе дремнуваат во посебна зона во продавницата, видлива за муштериите и минувачите.
- За време на дремката, ги затемнуваме светлата за да создадеме мирна и опуштена атмосфера, правејќи го просторот пријатен и за оние што ќе спијат и за посетителите - додаваат од компанијата.
Што се однесува до кафето, од „Јогибо“ објаснуваат дека концептот на таканаречена „кафе-дремка“ добива сѐ поголема популарност во Јапонија.
- Станува збор за кратка дремка по која следува шолја кафе. Се смета дека тоа ја зголемува будноста. Го вклучивме овој концепт за да им помогнеме на кандидатите да ги обноват и телото и умот - велат од компанијата.
Извор:
Asiaone.com
Фото: Instagram/Yogibo