X
 05.05.2019 Наука

Како слепите луѓе си ги замислуваат боите?

Кога помислуваме на одредено нешто, веројатно тоа ќе ни дојде во една од следните три форми: конкретен објект (како шолја или планета), концепт кој можете да го насетите (како боја) или апстрактен концепт кој не можете да го осознаете со вашите чувства (како љубов или правичност). Невронаучни студии утврдиле дека секоја од овие замисли активира различни делови од одреден регион од мозокот. Но, што е со лицата што се родиле слепи и никогаш не виделе боја? Дали мозокот на слепо лице различно го процесира концептот на боја?

Студија, чиј коавтор е Алфонсо Карамаца од „Харвард“, не само што одредува како слепите луѓе мислат за бојата, туку е направена и за да го расчисти нејасното разбирање на науката за тоа како мозокот процесира различни типови информации.

Во претходно истражување научници скенирале мозоци на луѓе додека мислеле на конкретни и апстрактни замисли. Тие утврдиле дека тие две нешта активираат многу различни делови од мозокот, па јазичните центри се активирале како одговор на апстрактни зборови, на пример, а сензорните центри се активирале кај конкретни замисли. Меѓутоа, има еден регион од мозокот кој изгледа дека врши голем дел од тешката работа - левиот слепоочен лобус.

Но, како што споменавме, светот не е направен само од конкретни концепти кои може да ги почувствувате и апстрактни концепти кои не можете. Што е со нештата што можете да ги видите, но не и да ги допрете, како што е „црвено“? Или, пак со нештата што не можете да ги насетите со сетилата, но можат да предизвикаат емоции, како „љубов“? Тешко е да се посочи кои области од лобусот се активираат со овие зборови бидејќи има многу контексти на кои може да помислат учесниците и така да се искриви резултатот. Најдобриот начин за утврдување кои делови од лобусот се активираат како одговор на секој од овие концепти би бил со отстранување на променлива (како сетилото за вид) и да се види колку различно реагира мозокот.

Тоа и го направиле истражувачите. Тие ставиле 14 луѓе со нормален вид и 12 луѓе кои од раѓање се слепи во скенер на мозокот, а потоа им рецитирале зборови. Некои од тие зборови биле конкретни, секојдневни објекти, како „шолја“, некои биле апстрактни, како „слобода“, додека некои биле концепти кои би можеле да се уочат само визуелно, како „виножито“ или „црвено“.

Излегло дека додека слепите и луѓето со добар вид ги процесирале конкретните и апстрактните концепти во исти мозочни региони, имало разлики кога станувало збор за чисто визуелни концепти. Луѓето со нормален вид „црвеното“ го процесирале во предниот лев слепоочен лобус, додека слепите го процесирале во дорзолатералниот лев слепоочен лобус - истиот дел од мозокот каде што ги процесирале чисто апстрактните концепти.

Она што студијата не можела да го утврди е како точно слепо лице ја доживува бојата како концепт, но Карамаца вели дека тоа останува на филозофите. Студиите покажуваат дека луѓето што се родиле слепи, всушност, се многу добри во опишување бои што можат и да ги подредат и виолетовата да ја стават до сината и црвената до портокаловата итн. Само затоа што слепото лице ја разбира бојата како апстрактен концепт, не значи дека тоа не ја разбира вистински.

- Може да разговарате со слепо лице и ако не знаете дека е слепо, никогаш нема да се посомневате дека неговото доживување на црвеното е различно од вашето бидејќи тоа всушност знае што значи црвеното. Слепите лица знаат на ист начин како што вие знаете што значи „правда“ - вели Карамаца.

Оваа студија ја нагласува идејата дека дури и ако сите го восприемаме светот на малку поинакви начини, сепак, имаме слични разбирања.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука