X
 24.11.2025 Живот

Ова се вистинските ефекти од гледањето кратки видеа врз мозокот

Сите сме виновни за бесконечно скролање видеа и објави на платформи како „Инстаграм“, „Тик-ток“ и „Јутјуб“. Иако тоа може да изгледа безопасно, сепак луѓето што примаат содржина на овој начин треба да знаат дека таа активност влијае врз нивниот мозок.

Многу претходни истражувања се фокусирале само на „Тик-ток“, но кратките видеа (рилсови) сега се речиси насекаде.


Истражувачите што спровеле нова студија разгледувале податоци од 98.299 учесници во 71 студија и различни платформи на социјалните медиуми.

- Повторната популарност на кратките видеа, популаризирани од „Тик-ток“, ги трансформира платформите на социјалните медиуми, со функции како „Инстаграм рилс“ и „Јутјуб шортс“, кои ја поттикнуваат нивната широка распространетост. Иако првично беа насочени кон забава, кратките видеа се користат и во образованието, политичките кампањи, рекламирањето и консумеризмот, но нивниот дизајн, карактеризиран со бесконечно скролање, предизвика загриженост за зависност и негативни здравствени импликации - велат тие.

Од речиси 100.000 учесници, тимот ги анализирал моделите на ангажирање во оваа активност, како и разните когнитивни и индикатори за ментално здравје - и кај младите и кај возрасните. Може слободно да се каже дека резултатите се загрижувачки.


Во однос на когницијата, било заклучено дека поголемото гледање кратки видеа е поврзано со послабо внимание и кај младите и кај постарата популација.

-Се претпоставува дека континуираниот циклус на скролање и примање нова, емоционално стимулирачка содржина предизвикува ослободување на допамин, создавајќи јамка за засилување што придонесува за модели на постојана и вообичаена употреба и поголемо емоционално потпирање на дигиталните интеракции. Ова може да биде поврзано со зголемен стрес и анксиозност бидејќи некои корисници пријавуваат тешкотии при исклучување и регулирање на нивните емоции во офлајн делот од денот - се вели во заклучокот од студијата.

Кога станува збор за други здравствени домени како што е здравата слика за телото, било забележано дека се потребни повеќе истражувања. Квалитетот на спиењето, пак, може да биде под влијание на скролањето кратки видеа, особено ако сте склони да посетувате платформи како „Тик-ток“ или „Инстаграм“ кога сте в кревет.

- Консумирањето кратки видеа во часовите пред спиење е поврзано со нарушен квалитет на сонот поради сината светлина што ја емитуваат електронските уреди, што може да го инхибира производството на мелатонин и серотонин - клучни хормони вклучени во регулирањето на циркадијалните ритми. Општ заклучок е дека колку повеќе гледате кратки видеа, толку ќе биде полоша и вашата когнитивна и ментална здравствена состојба - тврдат истражувачите.

Извор: unilad.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот