Пред крајот на наставната година се сумираат резултатите кои учениците ги постигнале заедно со своите наставници - ментори кои зеле учество на: натпревари, олимпијади, квизови, конкурси итн. во текот на годината, посебно во второто полугодие. Обично, за да се учествува на настани во кои сериозно и одговорно треба да се даде сиот труд со волја, желба и интерес, се јавуваат ученици со подобри постигнувања, се разбира, во консултација и предлог со своите предметни наставници. Понекогаш, дозволено е учество на секој ученик што поседува талент, на пример, за ракотворење, цртање, пеење итн. Секој ученик се пронаоѓа таму каде што може најдобро да дојде до израз. И тоа е за секоја почит. Успесите на учениците се успеси и за родителите, за менторите и за училиштата.
Меѓутоа, се случува една ситуација за која сакам да апелирам: кога учениците, еве ќе земам пример, учествуваат на некој литературен конкурс или некое литературно читање, организаторите да водат сметка дека сепак децата покажале интерес за да учествуваат, па за нив една благодарница ќе биде поттик плус и мотив да продолжат да творат и да земаат активно учество. Не е доволно само да се наградат првите три места, ами треба секој ученик да биде испочитуван за трудот што го вложил. Не смее да се дозволи понатамошен пропуст околу доделување награди и признанија, значи сите учесници да бидат испочитувани, а за мене како ментор тоа ќе претставува вселенска радост ако знам дека учениците ми се задоволни, макар не освоиле место на конкурсот на кој зеле учество, па исто се однесува и на натпревар во кој со сигурност учествувале. Тоа е време кое се посветува за да се учествува. Да се внимава понатаму на вакви ситуации затоа што учениците емотивно ги доживуваат тие пропусти, а ние наставниците-ментори го гледаме тоа и знаеме, па да не се доведуваме до непријатни ситуации. Ученици како ученици, отворено кажуваат: јас повеќе не пишувам ништо и не учествувам таму и таму..., а јас на тоа сакам да ставам поголем акцент со овој повик, оти имаме и такви ситуации на незадоволство. Сепак, тоа значи за децата, макар била една, повторувам, благодарница или пофалница. И уште една ситуација што сум ја забележал, а не е пријатна: не може кога се зема некакво учество да доаѓаат до израз едни исти училишта, еден ист град, а другите да се ставаат на маргините. По објавување на резултатите тоа е очигледно. Затоа, во иднина ако се продолжи со вакви пропусти, ќе се изгуби влијанието и на натпревари и на конкурси итн. Сакам да ставам до знаење да се води сметка бидејќи капацитет има во сите училишта и мора пообјективно да се гледа на тие работи. Можам уште многу други нерегуларности да наведам, но тоа ќе го оставам за некоја следна пригода. Трудот на ученикот мора да се почитува и соодветно да се награди. Белки не сме стигнати до парче хартија, па да не можеме да ги исполниме сите капацитети. Верувајте, тоа многу значи за учениците затоа што на тој начин добиваат волја да продолжат со учества...
Основците закитени со награди и признанија ќе бидат бодовно наградени при упис во средните училишта, а средношколците можеби ќе добијат посериозна одлука за избор на идно академско образование. Благодарни на учебнава година што измина барем на ниво на награди, признанија и резултати, посакувам и следната учебна година да биде исто така со позитивни желби и интереси кои гледаме дека помалку и помалку ги има, но сепак ги има, за да чекориме напред на образовно рамниште. И, не само едни исти ученици, ами сите да се трудат да земат активно учество за кој било нивни дар што го поседуваат и сакаат. Ние, наставниците, сме морална поддршка на талентите што ги откриваме кај нашите ученици, па заеднички ќе се трудиме и понатаму да напредуваме и да се надградуваме. Во оваа пригода, на сите ученици им го честитам завршувањето на учебната година, на оние што малку ќе се задржат и летово на школо, со успех да ги завршат испитите. Да бидете живи и здрави и секогаш истото го повторувам вака во јуни, месецот на распустот и на летото за учениците: Читнете некоја страничка, макар сте на плажа, на планина, на река..., не мора да се лектири, било што да е, повеќе од книга да е, а помалку од телефон. Пријатен летен распуст!
Автор: професор Александар Адамовски