X
 05.07.2019 Живот

УНЕСКО во јуни 2020 пак ќе го разгледува случајот со Охрид

Природното и културното наследство во Охридскиот Регион нема да бидат впишани на листата со светско наследство во опасност.

- На 43. седница Комитетот за светско наследство одлучи природното и културното наследство во Охридскиот Регион да не бидат впишани на листата со светско наследство во опасност. Комитетот за светско наследство ги прифати аргументите на Владата на Република Северна Македонија и го препозна и поздрави прогресот кој е направен во изминативе две години - соопштија од Владата.

Оттаму истакнуваат и дека за време на дебатата за Охридскиот Регион, земјите-членки на Комитетот изразиле широка поддршка за напорите за зачувување на интегритетот и автентичноста на светското наследство во Охридскиот Регион.

Како позитивни реформи, како што соопштија од Владата, Комитетот ги истакнал активностите на Владата како укинување на плановите за ски-центар и експресен пат на Галичица, проектите за колекторскиот систем и пренасочувањето на реката Сатеска, како и носењето на новиот Закон за управување. Комитетот ја поздрави одлуката од 11 јуни за спроведување на останатите препораки на УНЕСКО.

- Согласно одлуката, Република Северна Македонија до 1 февруари 2020 треба да достави извештај за напредокот во остварувањето на останатите препораки на УНЕСКО. Врз основа на тој извештај се очекува УНЕСКО повторно да го разгледува случајот со Охридскиот Регион на следната седница на Комитетот во јуни 2020 - стои во соопштението.

Дополнително, на седницата на Комитетот била донесена одлука за проширување на границата на заштитеното добро, со што се вклучува и делот од Охридското Езеро во Република Албанија. Северна Македонија ја поддржа и поздрави оваа одлука и ќе соработува со Албанија во заедничкото управување и одржување на светското наследство.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот