X
 12.09.2018 Култура

„Дискаверер“: Не одете во Дубровник, одете во Охрид!

Интернационалната туристичка веб-страница „Дискаверер“ направи листа со пет популарни дестинации што треба да ги избегнувате поради метежот и негативниот став кон туристите. Веб-страницата препорачува и алтернативни дестинации што туристите дефинитивно треба да ги посетат.

Меѓу петте дестинации што туристите треба да ги избегнуваат се најде и Дубровник, а наместо овој град, „Дискаверер“ на туристите им го предлага Охрид.

- Посетата на старото историско јадро Дубровник е врв за кој било одмор во Хрватска, но метежот во тесните улички не придонесува за квалитетно искуство - пишува патописецот на „Дискаверер“, Џулија Хамонд.

ezero
Фото: Thinkstock


Пренаселеноста на градот е зголемена со бројот на туристите.

- Кога на тоа ќе се додаде дека градот е познат по неговата улога во популарната „Игра на троновите“, добивате проблем од епски размери. Властите беа принудени да го ограничат бројот на луѓе што можат да шетаат на безбедна квота од 4.000 на ден - вели таа.

- Наместо да се обидувате да бидете еден од среќниците што ќе добијат карта за посета на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во соседната Македонија. Градот изобилува со шарм, од ресторани на езерото до древни цркви и манастири што се наоѓаат на секој агол. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја што ќе ве воодушеви, особено бидејќи можете да уживате во мир, без метежи - наведува Џулија.

На листата со петте непожелни дестинации се најде и Барселона, а наместо неа, „Дискаверер“ препорачува посета на шпанската Екстремадура.

На второ место е Маја Беј во Тајланд, што треба да го замените со посета на Кох Муку во истата земја, следува Галапагос со алтернатива Исла Магдалена во Чиле и на крајот се препорачува да го избегнете Мачу Пикчу во Перу и да го посетите античкиот локалитет Морај што се наоѓа во близина.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура