X
 05.07.2023 Живот

Компанија од Кина им нуди 126 милиони евра на работниците за да имаат деца

Компанијата „Трип“ од Кина одлучи со парична помош да ги поттикне своите 32.000 вработени да имаат деца.

Компанијата, која е една од најголемите туристички интернет-агенции во светот, нуди стимул од една милијарда јуани (или точно 126.479.760 евра) за сите вработени со полно работно време, кои биле вработени најмалку три години, без разлика на нивниот пол, позиција или место на работа. Оние што ги исполнуваат условите ќе добиваат годишен бонус од 1.260 евра за секое новородено дете - секоја година од првиот до петтиот роденден на детето.

- Со оваа поволност сакаме да ги охрабриме нашите вработени да основаат или да го зголемат семејството. Отсекогаш сум бил за тоа Владата да им дава пари на семејствата со деца бидејќи така помага во намалувањето на трошоците за одгледување деца и им помага на многу млади луѓе да ги исполнат своите желби за повеќе деца - изјави извршниот директор на компанијата, Џејмс Лијанг.

Кина се бори со намален наталитет и стареење на населението. Во јануари оваа година беше објавено дека населението во Кина се намалува, и тоа првпат по 60 години. Во 2022 година бројот на жители се намалил за 850.000, што делумно е последица и на пандемијата на ковид-19, според Националното биро за статистика.

Здравствената комисија на покраината Сечуан во јануари објави дека ќе им дозволи и на невенчаните лица да имаат деца, а бројот на раѓања веќе нема да биде ограничен. Пред оваа промена властите им дозволуваа на брачните двојки да регистрираат само по две деца. Новите мерки ќе останат во сила следните пет години.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот