X
 05.09.2019 Живот

Ние, луѓето на Амазон, сме исплашени. Наскоро ќе бидете и вие

Раони Метуктире, поглавар на бразилскиот домороден народ Кајапо, објави отворено писмо до оние што сечат, палат и освојуваат територија во Амазон, хектар по хектар. Прочитајте го писмото.

„Долги години ние, домородните лидери и народите на Амазон, ве предупредуваме вас, нашите браќа, кои им нанесовте толку штета на нашите шуми. Она што го правите ќе го смени целиот свет и ќе го уништи нашиот дом - и ќе го уништи и вашиот дом.

Го ставивме настрана нашето поделено минато за да бидеме заедно. Пред само една генерација многу наши племиња војуваа меѓу себе, но денес заедно се бориме против нашиот заеднички непријател. А тој заеднички непријател сте вие, недомородните народи, кои ги окупирате нашите земји и сега ги палите дури и тие мали делови од шумите каде што живееме и што ни ги оставивте. Претседателот на Бразил, Болсонаро, ги охрабрува фармерите во близина на нашата земја да ја чистат шумата - и не прави ништо за да ги спречи да не ја окупираат нашата територија.

Ве повикуваме да го прекинете тоа што го правите, да го запрете уништувањето, да го запрете нападот на духот на Земјата. Кога ги сечете дрвјата, вие ги напаѓате душите на нашите предци. Кога копате по минерали, вие го прободувате срцето на Земјата. А кога во земјата и реките испуштате отрови – хемикалии од земјоделството и жива од рудниците за злато – ги слабеете духовите, растенијата, животните и самата земја. Кога така ќе ја ослабите земјата, таа почнува да умира. Ако земјата умре, ако нашата Земја умре, тогаш никој од нас нема да може да живее и сите ние исто така ќе умреме.

Зошто го правите тоа? Велите дека тоа е за развој, но каков е тој развој што го одзема богатството на шумата и го заменува со само еден вид растение или животно? Таму каде што духовите некогаш ни даваа сè што ни требаше за среќен живот - сета наша храна, нашите куќи, нашите лекови - сега има само соја или добиток. За кого е овој развој? Само неколку луѓе живеат на фармите; тие не можат да издржуваат многу луѓе и се бесплодни.

Па, зошто го правите ова? Гледаме дека затоа што некои од вас можат да добијат многу пари. На Кајапо-јазикот ние вашите пари ги викаме „пиу каприм“ - тажни лисја, затоа што се мртво и бескорисно нешто и носат само штета и тага.

Кога вашите пари ќе дојдат во нашите заедници, често предизвикуваат големи проблеми разделувајќи ги нашите луѓе. И можеме да видиме дека истото го прават и во вашите градови, каде што оние што ги нарекувате богати луѓе, живеат изолирани, исплашени дека други луѓе ќе дојдат за да им ги земат тажните лисја. Во меѓувреме, други луѓе гладуваат или живеат во беда затоа што немаат доволно пари за да купат храна за себе и за своите деца.

Но, тие богати луѓе ќе умрат како и сите ние. А кога нивните души ќе се одвојат од нивните тела, ќе бидат тажни и ќе патат затоа што додека биле живи направиле многу други луѓе да страдаат наместо да им помагаат, наместо да се осигурат дека сите други имаат доволно за јадење пред да се нахранат самите себе, што е нашиот начин, начинот на Кајапо, начинот на домородците.


Раони Метуктире
Фото: Wikipedia

Морате да го промените начинот на кој живеете затоа што сте изгубени, го загубивте вашиот пат. Патот по кој одите е пат на уништување и смрт. За да живеете, мора да ги почитувате светот, дрвјата, растенијата, животните, реките, па дури и самата земја. Затоа што сите овие нешта имаат души, сите овие нешта се души, а без душите Земјата ќе умре, ќе нема дожд и прехранбените растенија ќе овенат и ќе умрат.

Сите го дишеме истиот воздух, сите ја пиеме истата вода. Живееме на оваа една планета. Треба да ја заштитиме Земјата. Ако не го направиме тоа, ќе дојдат големи ветришта и ќе ја уништат шумата.

Тогаш вие ќе го почувствувате стравот што го чувствуваме ние.“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот