X
 04.05.2017 Живот

Капитализмот ќе ги уништи човештвото и светот до 2050 година

Оваа анализа ја објави, ни повеќе ни помалку, туку „Forbes“, без никакво оградување од авторот.

Станува збор за колумната и анализата на Дру Хансен, на тема „зошто капитализмот во облик каков што е денес, може да го уништи човештвото до 2050 година“.

Прво, затоа што растителните и животинските видови денес изумираат 1000-пати побрзо од кога било во последните 65 милиони години. Само од  2000 година до денес, секоја година низ светот се уништуваат шест милиони хектари шуми. Сиромаштијата? Дури и во САД под границата на сиромаштија живеат 15 проценти од населението, односно дури 20 проценти деца и млади под 18 години. Истовремено, во светот во кој ресусрсите се ограничени, се предвидува дека со постојната стапка на раст, во 2050 година бројот на населението ќе достигне 10 милијарди луѓе.

Неодржливоста на постоечкиот систем е очигледна; актуелниот капитализам  продолжува по инерција да го води светот преку сечи на шуми, со неодржливо земјоделство и развој на инфраструктурата; со уништување  на природните живеалишта, и најлошо од сè, со неконтролирано влијание врз климатските промени преку натамошно користење на фосилните горива и недоволното инвестирање во обновливи извори на енергија.

За сè поагресивното искористување на ресурсите на Земјата како последица на неконтролабилниот капитализам и корпорациите, односно за капиталистичката самоубиствена фантазија за „бесконечен економски развој“, професорите Кристофер Рајт и Даниел Ниберг, пред две години пишуваа во својата книга „Climate Change, Capitalism and Corporations“.

Тие објаснуваат дека корпорациите пронаоѓаат „сè покреативни начини“ за исцрпување на светот, односно го опишуваат образецот на однесување кој Хансен силно го потсетува на романот „Американски психо“ од 1991 година, што претставува сатира за млад инвестициски банкар од Менхетен во 80-тите години од минатиот век. Романот е екранизиран во 2000 година.

Следејќи ја истата линија, Хансен во својата анализа потенцира дека спас од оваа ситуација, освен брзо и решително преминување кон обновливи извори на енергија, гледа и во премин на сегашниот капитализам во поегалитарно општество, односно воведување на работничко акционерство, при што работниците-акционери би имале право да партиципираат и во процесот на носење одлуки. Во таков свет, пишува Хансен, корпорациите при одлучувањето би биле посвесни за последиците по светот и општеството, особено по локалните заедници каде што работат и дејствуваат.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот