X
 05.10.2019 Живот

Како функционира системот за собирање отпадоци во океаните?

Проектот „Оушн клинап“, систем за собирање големи количини на пластика што ги загадува светските океани, во средата објави дека го остварил првиот голем успех.

Проектот во 2012 година бил почнат од млад пронаоѓач со хрватско потекло - Бојан Слат, кој живее во Холандија, а доби силна поддршка од холандските власти и многу богати филантропи од Европа и Силициумската долина, како Питер Тиел и Марк Бениоф. По долгогодишно тестирање и почетни неуспеси, системот успешно го заврши првото чистење во Тихиот Океан, каде што исчисти остров со ѓубре трипати поголем од Франција, а кој постојано расте. За работата да биде поинтересна, системот не собрал само големи предмети од пластика, туку и микропластика со димензии поголеми од 1 милиметар.

Подобрениот систем е наречен „Систем 001/Б“, а беше лансиран во Ванкувер во јуни. Тимот на Слат објави дека биле пријатно изненадени кога собрале дури и стини парчиња пластика.

- Нашиот систем за чистење на океаните конечно фаќа пластика, од мрежи од еден тон до ситна микропластика - напиша Слат на неговиот твитер-профил.

Новиот систем ги користи природните сили - ветрот, брановите и струјата. Основната идеја е дека собирањето со употреба на бродови што постојано би работеле би било премногу скапо.



Концептот на Слат се темели на разликата во брзината помеѓу ѓубрето и мрежата што го фаќа. За системот да фаќа ѓубре што плови во морето, мрежата мора да се движи побрзо или побавно од ѓубрето. Ако се движи со иста брзина, ништо нема да се случи - заедно ќе пловат наоколу. Затоа, тимот на Слат тестирал две опции - забрзување и забавување - и утврдил дека забавувањето е подобро. Затоа во системот вградил подводни падобрани што го забавуваат движењето на мрежата во однос на ѓубрето.

Како што покажува фотографијата - ветровите, брановите и струјата го туркаат ѓубрето во одредена насока. Благодарение на падобранот, системот со отворениот крај е свртен кон ѓубрето и истовремено се движи побавно од ѓубрето. На тој начин ѓубрето влегува во системот низ неговиот отворен дел, се концентрира и завршува во затворената мрежа.

1

Според официјалната веб-страница на „Оушн клинап“, проектот во рок од пет години би можел да исчисти околу 50 отсто од ѓубрето што моментално се наоѓа во Тихиот Океан, а до 2040 година би можел да исчисти околу 90 отсто од океанската пластика.

Тимот истакнува дека системот е автономен, дека по оптималното поставување на некоја локација сам лута и собира ѓубре. Истовремено е енергетски неутрален бидејќи целосно се потпира на природните сили. Целата електроника што се користи работи на соларна енергија.

Конечно, системот постепено може да се зголеми врз основа на стекнатото искуство.

Секоја година луѓето фрлаат по околу осум милиони тони пластика. Покрај тоа, во морињата завршуваат помеѓу 600.000 и 800.000 рибарски мрежи. Според процените на експертите, моментално во океаните пловат околу 5 милиони парчиња пластика. https://www.index.hr/vijesti/clanak/projekt-mladog-hrvata-ostvario-veliki-uspjeh-u-skupljanju-smeca-iz-oceana/2121206.aspx
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот