Длабоко во срцето на Амазонската Прашума, скриена од современиот свет, се наоѓа долината Јавари, едно од најизолираните места на планетата.
На простор малку поголем од Австрија, во таа зелена џунгла живеат околу 6.000 домородци и повеќе од 14 различни племиња, од кои многу никогаш немале контакт со надворешниот свет. Само седум племиња воспоставиле каква било врска со модерната цивилизација.
Патување низ времето
Влегувањето во овој дел од Бразил наликува на патување во минатото. Традициите и обичаите кои се негувале стотици години останале речиси непроменети. Долината Јавари, сместена покрај границата со Перу, се смета за едно од најмалку истражените подрачја на светот.
Овој автохтон резерват, втор по големина во Бразил, се протега на околу 8.000 квадратни километри. Влезот е строго забранет за странци, но фасцинацијата од недопрената природа и таинствените племиња често буди љубопитност што тешко се контролира.
- Долината Јавари е еден од последните вистински бастиони на изворната дива природа, не само на Амазон, туку и на целиот свет - вели авторот и истражувач Скот Волас.
Дива природа без закони
Иако изгледа како природен рај, долината е истовремено и област на целосно беззаконие. Крадци на дивеч, илегални рибари и сечачи на дрвја дејствуваат речиси без казна, а судирите со домородните заедници често прераснуваат во насилство. Кога во 2001 година беше основан резерватот, дојде до отворени судири со локалното население кое се противеше на ограничувањата.
Овој регион е и важна маршрута за шверцерите на кокаин што ги поврзува Бразил, Перу и Колумбија, па вооружените инциденти се честа појава.
Едно од ретките племиња што стапиле во контакт со надворешниот свет е Канамари, кое живее покрај реката Јавари, близу градот Аталаија до Норте.
За нив, шумата не е само дом, туку мајка, извор на сè што им треба за живот. Затоа, сечачта на дрвја и исцрпувањето на природните ресурси ги доживуваат како директна закана за опстанокот на племето.
Спротивставувањето на вооружените криминалци е исклучително ризично и често завршува трагично. Нивните лакови и стрели не можат да се спротивстават на модерното оружје. Сепак, овој народ успеал да ги сочува својот јазик, митологија и обредите, и покрај сè што носи современото време.
Извор:
24sedam.rs
Фото:
Wikipedia