X
 06.01.2019 Здравје

Што му прават социјалните мрежи на менталното здравје на тинејџерите?

Кај тинејџерките има двојно поголема веројатност за појава на симптоми на депресија поврзани со користењето на социјалните мрежи отколку кај момчињата, најмногу поради интернет-малтретирањата, нарушувањето на спиењето, незадоволството од сопственото тело и падот на самодовербата, покажуваат најновите истражувања.

Во истражување, во чии рамки биле анализирани податоци за речиси 11.000 млади лица во Велика Британија, истражувачите заклучиле дека 14-годишните девојчиња се почести корисници на социјалните медиуми, меѓу кои две петтини ги користат социјалните медиуми повеќе од три часа на ден, додека истото го прават една петтина од момчињата.

Студијата покажала дека 12 отсто од умерените корисници на социјалните мрежи и 38 отсто од оние што минуваат повеќе време на социјалните мрежи (повеќе од пет часа на ден), покажуваат знаци на сериозна депресија.

Кога станува збор за процесите што може да се поврзани со користењето на социјалните медиуми и депресијата, истражувачите откриле дека 40 отсто од девојчињата и 25 отсто од момчињата имале искуство со онлајн-малтретирање.

Нарушувањата на спиењето се појавуваат кај 40 отсто од девојчињата, додека кај момчињата процентот е 28 отсто. Анксиозноста и лошиот сон се поврзани со депресијата.

Исто така, девојчињата се изложени на поголем ризик кога станува збор за поврзаност меѓу користењето на социјалните мрежи и грижите за изгледот на сопственото тело и самодовербата, но во овој случај разликата меѓу девојчињата и момчињата е помала.

Ивон Кели, професорка на лондонскиот Институт за епидемиологија и здравствена грижа, која е еден од авторите на истражувањето, ги повика родителите и политичарите да посветат внимание на резултатите од студијата. Таа додава дека фамилиите исто така треба да размислат за ограничување на користењето на мобилните телефони во тинејџерските соби и кога и каде е во ред да се минува време на социјална мрежа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје