X
 06.01.2021 Живот

Во САД се гради велосипедска патека што ќе ги поврзува двата брега

САД градат голема велосипедска патека која ќе биде долга 6.000 километри и ќе поминува низ 12 сојузни држави. Со оваа патека велосипедистите би можеле да стигнат од едниот брег на континентот до другиот. Патеката ќе поврзува над 145 постојни патишта, а досега биле завршени над 3.200 километри. Дел од патеката бил пуштен за употреба во мај 2019 година.

Проектот за изградба на патеката е стар со децении и е воден од непрофитната организација „Реил ту треилс конзерванси“, која собрала над 4 милиони долари за изградба на патеката. Патеката се гради врз стари железнички шини. Овој начин на изградба стана популарен за време на пандемијата бидејќи нуди алтернативни патеки и простор, а често се наоѓаат во близина на урбани места.


Фото: Pixabay

Истовремено, возењето велосипед станало популарно за време на пандемијата како начин на вежбање и превоз. Продажбата на велосипеди пораснала насекаде низ светот бидејќи луѓето бараат начин да го одбегнат користењето на јавниот превоз, а возењето велосипед е добро за здравјето.

Париз е еден од градовите што планираат да станат таканаречени 15-минутни градови, каде што може да стигнете до кое било место за 15 минути пешачејќи или со велосипед. Милано спроведува слична програма, а Буенос Аирес вовел програми за бесплатно позајмување велосипеди. Според Европската федерација на велосипедисти, во Европа се потрошиле 1 милијарда евра на инфраструктура за велосипеди од почетокот на пандемијата.


Фото: Rails to Trails

Големата американска велосипедска патека е амбициозна во поглед на големината, но е еден од најиновативните проекти во светот. За споредба, во Европа има патека од 4.450 километри што поминува низ 10 земји.

Во Англија има патека од 346 километри, која била отворена во 2001 година, а била изградена на стари пруги. Минатата година Велика Британија пушти во употреба патека за велосипеди долга 1.300 километри од северот на Англија до Североистокот на Шкотска.

Во Белгија велосипедистите може да возат на патека долга 200 метри која поминува низ езеро. Во кинески Сијанмен има велосипедска патека на платформа долга 7,6 километри, која поминува над улиците во градот.

Автор: Натали Маршант
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот