X
 05.09.2022 Живот

Сушата што го зафати светот во август низ драматични фотографии

Многу региони од северната хемисфера летово беа зафатени од суша. Би-би-си неодамна пренесе дека сушата во Европа е најлоша во последните 500 години, а неколку познати европски реки пресушија. Таква судбина имаа и најголемото кинеско езеро и најдолгата река таму. „Гардијан“ пренесе дека сушата на Африканскиот Рог има потенцијал да доведе повеќе од 22 милиони луѓе до гладување.

Сушата во Европа

Глобалната опсерваторија за суша на 22 август објави извештај во кој се наведува дека две третини од Европа се под закана од суша. Недостигот на дождови, заедно со топлотните бранови што го зафатија континентот, ја влошува ситуацијата.

Визуелно најдраматичниот ефект на сушата во Европа се намалените нивоа на познатите европски реки, како што може да се види и подолу.


Рајна во август 2021 година


Рајна во август 2022 година / Фото: ЕСА

Сушењето на езерата и реките изнесува на виделина многу скриени глетки. Во Шпанија сушата откри праисториски круг со камења, кој беше именуван како Шпански Стоунхенџ. Археолозите веруваат дека кругот со десетици мегалитски камења датира од 5000 години пр.н.е.

Фото: Википедија

Во Србија намаленото ниво на Дунав откри десетици германски бродови од Втората светска војна, а во некои од нив сѐ уште има муниција и експлозиви.

Во еден помал град во Чешка, пак, намалените нивоа на водата открија „камен на гладот“ на кој е испишана порака: „Ако ме видиш, плачи.“ Ова е еден од десетиците вакви камења во реки во Централна Европа на кои се испишани пораки за да се означат нивоата на реките за време на историски суши и да се предупредат идните генерации за тешкотиите што следуваат откако ќе станат видливи овие камења.

Намалено нивото на резервоарите на југозападот на САД

Американските служби минатиот месец соопштија дека 23 години суша и ниско ниво на тек резултирале со историски ниски нивоа на водата во двата најголеми резервоари во САД - езерото Мид и езерото Пауел на реката Колорадо. Околу 40 милиони луѓе во седум сојузни американски држави и Мексико се потпираат на системот на реката Колорадо за вода за пиење и одржување на домаќинствата.

Од 24 август езерото Пауел е на најниско ниво по полнењето во 60-тите години, на само 26 отсто од капацитетот - најниско ниво од 1967 година.


Езерото Пауел во летата во 2017 и 2022 година / Фото: НАСА

Нивото на водата во езерото Мид - најголемиот резервоар во САД - е на најниско ниво уште од завршувањето на браната Хувер во 30-тите, што го запре текот на реката Колорадо и го создаде ова езеро во пустината. Повлекувањето на водата открива нешта што биле скриени под вода со децении. Луѓето наоѓаат отпад, бродови и човечки трупови.

Во Тексас, пак, беа откриени траги од диносауруси.

Сушата во Кина


Во Кина цело лето се рушат рекорди кога станува збор за жештина, а екстремните температури и недостигот на дождови создадоа продолжена суша во оваа земја. Најдолгата река во Кина и третата најдолга во светот, реката Јангцекјанг, се суши. Басенот на реката е дом на 450 милиони луѓе и една третина од жетвениот принос во Кина.

Најголемото езеро со питка вода во Кина - Појанг - исто така се суши. Сега е на помалку од 25 отсто од нормалното ниво. Снимките од авион покажуваат дека езерото добило форма која некои локалци ја нарекуваат дрвото на смртта.

Сушата на Африканскиот Рог

Африканскиот Рог се соочува со катастрофа по 4-годишен недостиг на дождови во Кенија, Сомалија и Етиопија. Сушата носи ризик од глад за 22 милиони луѓе. Регионот се соочува со најлошите услови на суша во последните 40 години, а крајот не се гледа.

Извор: earthsky.org
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот