Етиопија се подготвува да ги отвори вратите на најголемиот аеродром на африканскиот континент. Аеродромот во Бишофт е дизајниран од британското архитектонско студио „Заха Хадид архитектс“ и претставува инфраструктурен проект вреден 12,5 милијарди долари.
По завршувањето на првата фаза од работите, аеродромот ќе може да прима 60 милиони патници годишно.
Се наоѓа на 40 километри јужно од главниот град на Етиопија, Адис Абеба, а планираниот капацитет ќе биде четири пати поголем од сегашниот главен аеродром во земјата. Ќе има четири писти и паркинг за 270 авиони. Сето ова ќе го направи најголемиот авијациски центар на африканскиот континент.
Завршувањето на првата фаза е планирано за 2030 година
Завршувањето на првата фаза од работите се очекува во 2030 година и вклучува отворање на терминал со површина од 660.000 квадратни метри и две писти што ќе ги управува „Етиопијан ерлајнс“. По целосното завршување на комплексот, се очекува бројот на патници што ќе може да ги прими да достигне 110 милиони.
Паркингот и четирите писти ќе бидат изградени околу централниот ’рбет“ на аеродромот, инспирирани од Големата Раседна Долина (географска бразда долга околу 6.000 км, која се протега од долината Бека во Либан, Азија до Мозамбик, Југоисточна Африка). Овој распоред ги скратува времето и растојанието и го подобрува движењето помеѓу терминалите. Секоја писта ќе има различна палета на бои и уметнички дела инспирирани од пејзажите на Етиопија.
Се очекува да се користи природна вентилација, мрежа од соларни панели кои делумно ќе го снабдуваат аеродромот со енергија, како и систем за управување со атмосферските води.
Аеродромот е замислен како целосно интегриран аеродромски град. Планот предвидува хотел во зоната на аеродромот, ресторани, како и надворешни простори исполнети со автохтони растенија, а и брза железничка линија што ќе го поврзува Меѓународниот аеродром Бишофт со аеродромот Боле во Адис Абеба.
Амбициозен потфат
Меѓународниот аеродром Глефу во Бутан неодамна беше прогласен за „Иден проект на годината“ на Светскиот фестивал на архитектура. Меѓутоа, со оваа најава се открија планови за уште поамбициозен потфат во Африка.
Според порталот „Дизин“, аеродромот е дизајниран да добие ЛЕЕД Голд сертификат - второто највисоко ниво на еколошки сертификат доделено од Советот за зелена градба на САД.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: YouTube screenshot