X
 06.11.2018 Живот

Контроверзниот начин на Италија за подобрување на наталитетот

Италијанската влада планира да го стимулира наталитетот така што на брачните парови што имаат по три деца ќе им понуди обработливо земјиште.

Целта на оваа иницијатива е да се зголеми наталитетот, кој е најнизок во Европа.

Но, критичарите сметаат дека иницијативата потсетува на мерките на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини за зголемување на наталитетот во текот на 20-тите и 30-тите години од минатиот век. Таканаречениот план-земјиште за деца го измислила партијата Лига од крајната десница, што е дел од коалиционата влада и е вклучена во спорниот буџет на државата.

1
Фото: Shutterstock


- Велат дека Италијанците имаат малку деца и дека е потребно нешто да ја промени ситуацијата. Затоа министерството сака да даде свој придонес и тоа првенствено во руралните области, каде што луѓето и понатаму имаат повеќе деца - изјави италијанскиот министер за земјоделство.

Ако планот биде спроведен во дело, родителите што ќе добијат трето дете во периодот помеѓу 2019 и 2021 година ќе добијат земјиште на период од 20 години. Исто така, ќе им биде понуден кредит без камата до 200.000 евра доколку одлучат да купат куќа близу до земјиштето.

Но, голем дел од луѓето се скептични дека овој план ќе успее. Џијани Питела, сенатор од опозицијата, го нарече предлогот неосредновековен.

- Политиките што поддржуваат раѓање деца и семејства се добредојдени, но би било подобро да се имплементираат мерки во италијанскиот правен поредок во рамките на европскиот социјален столб, како што е породилното отсуство на мајките и на татковците - вели Џијани Питела.

Кјара Грибаудо, пратеничка од опозицијата, изјави дека екстремно десничарската влада се враќа во ерата на Мусолини, кога деспотот отстранил мочуриште јужно од Рим за да ги охрабри семејствата да се вратат и да го обработуваат земјиштето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот