X
 04.10.2017 Живот

Што ја спречува ИСИС да изврши напади во Италија?!


Италијанска полиција
(Фото: Reuters)


Постојат неколку теории во врска со ова прашање, но една од нив истовремено е и неверојатна и логична...

Замислете слика од млад човек завртен со грбот како во раката држи огромен нож.

До него, со големи бели букви пишува: Devi combatterli или во превод „Мора да се борите“. Оваа фотомонтажа се појави кон крајот на август на „Телеграм“, апликација која припадниците на „Исламската држава“ најчесто ја користат за комуникација. Таа монтажа е отворен поттик за „осамените волци“ да тргнат да убиваат Италијанци.

Истата повторно беше публикувана на страницата Site Intelligence Group, која ја надгледува комуникацијата на џихадистите – неколку дена откако на интернет се појави видео со маскирани членови на ИСИС на Филипините како уништуваат една католичка црква и ги кинат сликите од папата Франциск.

„Ти. Невернику. Запомни го ова“, вели лицето зад маската, вперувајќи го прстот кон камерата: „Ќе стигнеме до Рим, иншала!“ Неговата закана, упатена од оддалеченост од над 10 илјади километри, допира далеку. И постојат многу такви закани што досега се реализирани. Нападите низ Европа, на директен или на индиректен начин поврзани со ИСИС, зачестија во последните две години. Затоа и зачудува фактот дека Италија, земја со голема туристичка посета, во најголем дел токму поради тие прекрасни католички цркви, сè уште не забележала ниту еден смртоносен напад од џихадистите.

Сите поголеми европски земји веќе биле цел на напади: Британија, Франција, Германија и Шпанија..., иако во тие земји е забележан помал број на илегални имигранти во споредба со Италија, каде што само во првата половина од 2017 година во земјата влегле 82 проценти од севкупниот број илегални имигранти што стигнале до Европа.

Најинтересно објаснување за тезата дека Италија е исклучок е дека италијанската мафија успеала да ги спречи џихадистите да се групираат во групи кои ќе бидат почетни точки за напади. „Оваа теза се заснова на еден пример: факт е дека италијанските мафијаши имаат поголема контрола во јужниот дел од земјата, а мнозинството муслимани живеат на северот, но ниту таму не успеале да се организираат или да живеат во гета“, истакнува Артуро Варвели од Меѓународниот факултет за политички науки во Милано.

„Во еден дел тоа мора да биде под контрола на мафијата“, се согласува и локалниот полициски началник, кој додава: „Но, не на начин на кој размислуваат повеќето луѓе. Борбата против организираниот криминал на нашата служба му обезбеди големо искуство, и тоа токму во надзорот над цврсто поврзаните мали групи. Дополнително, имаме искуство и во наѕирањето на леви и десни терористички ќелии, кои дејствуваа во Италија во 70-тите и 80-тите години од минатиот век“, истакна тој за „Економист“. Тамошните судови исто така немаат проблем со издавањето налози за следење и прислушување. Во другите земји тоа оди многу потешко.

Кога на 24 септември „боингот 737“ полета од Болоња за Тирана, Албанија, во него беа сместени 209 лица што беа протерани од Италија поради „религиски екстремизам“. Само еден ден претходно од притвор беше ослободен 22-годишен муслиман, кој беше притворен поради тоа што пред влезот од една црква се обидел да спречи лице да влезе во неа. Тој е под константен полициски надзор откако првпат бил притворен, на почетокот од 2016 година.

Но, постои уште една причина зошто Италија е побезбедна во споредба со другите земји. Таму нема толку голем број луѓе што треба да подлежат на надзор затоа што поголемиот дел властите веднаш им ги предаваат на трети земји или ги враќаат во земјата од каде што дошле.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот